Обвинителката Анита Топoлова-Исајловска, која бараше да падне предметот за ВМРО-ДПМНЕ, е избрана на местото на Коцевски

Обвинителката Анита Топoлова-Исајловска, како единствен предложен кандидат, едногласно беше избрана на денешната седница на Советот на јавни обвинители за вршител на должност, на местото на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој минатата недела даде оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието.

Коцевски поднесе оставка пред да успеат да го разрешат

Предлогот дојде од членот на Советот Кети Петкова, која рече дека ја предлага од принципиелни причини со оглед на тоа дека таа е заменик-обвинител подолг период.

Тополова-Исајловска била заменик на Љупчо Коцевски, на неговиот претходник Љубомир Јовески, како и на тој пред него, Марко Зврлевски.

-Во континуитет од 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја обавува должноста, оти не само што го познава целото обвинителство, туку тоа е и принципиелно решение – кажа Петкова.

На седницата на Советот посочи дека Тополова-Исајловска ќе ја извршуваа оваа функција до именувањето нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Името на Топoлова – Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Таа бараше Врховен да го укине решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиното образложение кое не го прифати Врховниот суд беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Таа ги проблематизираше и доказите од прислушуваните разговори и бараше врховните судии да му укажат на основниот суд. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.

Според медиумските архиви, во 2011 година, таа ја отфрлила кривичната пријава на „Транспаренси интернешнел“ против тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за злоупотреба на службената положба и овластување, за упатство за распределба на пари за политичките партии. Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.

Вршителот на должност јавен обвинител се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство. Должноста ќе ја извршува до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот