„Анима Мунди“: Што се случува во ЗОО Скопје, кој ја гарантира безбедноста на животните?

Фото: Анима Мунди

Итно да се истражи и соопшти од што почина жирафата Флопи, бара здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, од каде прашуваат кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните во скопската Зоолошка градина.

Активистите велат дека треба конечно да се разбере дека животот зад решетки не е живот туку казна и дека треба да запре страдањето на животните во доживотно заробеништво и генерирање профит врз грбот на нивните несреќни судбини.

Бараме итно запирање на прием на нови единки и промена на концептот на зоолошките во Македонија во центри за рехабилитација на животните, престојот да биде ставен во функција на оние животни кои се веќе затекнати и живи, со забрана за набавка на нови. Бараме да се искористи секоја можност за нивно подарување во центри во Европа кои се поадекватни за нивната благосостојба за што се ставаме на располагање – велат од „Анима Мунди“.

Оттаму укажуваат дека животните се држат на тесен простор, на доживотна робија, немаат приватност, и многу малку можност за ментална стимулација, социјализација со сопствениот вид или телесна активност. Тоа, според нив, резултира во абнормално и самодеструктивно однесување кое се нарекува зоохоза.

Величествените животни во Зоолошките стануваат само свои бледи сенки. Одземено им е сѐ што животот го прави вреден за живеење: семејството, заедницата, слободата и можноста да одберат како ќе го минат својот живот – дури и кога тие животи не се нималку лесни. Бараме да се овозможи комплетен видео мониторинг на сите животни 24/7 и увид во видео надзорот на сите живеалишта, итно да се открие која е причината што вчера почина и младата жирафа Флопи. Каде е раководството на Зоо Скопје да се произнесе или поднесе оставка? Бараме итна стручна анализа што се случува и казни за сите кои се одговорни – бараат од Здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот