Ангеловска: Субвенциите ќе ги стимулираат компаниите да вратат дел од отпуштените работници

Сите треба да понесат товар од аспект на кризната состојба во која се наоаѓаме, вели министерката за финансии.

Измените на владината Уредба за користење на субвенции за исплата на плата во приватниот сектор треба да резултира со враќање на дел од веќе отпуштените работници. Министерката за финансии Нина Ангеловска, повикувајќи се на податоците од Агенцијата за вработување соопшти дека бројот на лица кои останале без работа во месеците март и април пораснал за 9 илјади.

– Треба да ги гледаме официјалните бројки на Агенцијата за вработување затоа што се работи за дневни флуктуации. Ако се зборува за одјави и пријави значи на дневно ниво во нормални услови секогаш се случува едно лице денеска да е одјавено, му истекол договорот, утре повторно е пријавено и затоа се гледа зголемувањето на бројот на невработени којшто беше искомунициран дека се работи за околу 2.000 лица во март и околу 7.000 лица во април, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање за вкупниот број лица кои поради кризата со Ковид -19 ја изгубиле работата.

Прашана дали смета дека треба да има намалување на платите во јавната администрација Ангеловска повтори дека сите треба да понесат товар од аспект на кризната состојба во која се наоаѓаме, но оти Владата е колективен орган и ќе известат за одлуките што ќе се донесат.

-Дел од товарот го носат и работниците од приватниот сектор кои можеби овој период имаат намалени плати или кои загубиле работа и ако сето тоа го имаме предвид и ако ги имаме предвид мерките што значеа и намалување на работните активности на администрацијата, односно работат од дома преку еден ден која што се имплементираше, јас кажав дека сметам оти товарот треба да го понесеме сите. Од финансиски аспект се спроведе кратење во однос на реалокации помеѓу буџетски корисници со цел да се овозможат средства за реализација на мерките, бидејќи треба да го помогнеме приватниот сектор, којшто ги генерира даночните приходи кои се паднати за 31 отсто, а тие приходи се користат за да се исплатат обврските меѓу кои и платите на јавната администрација, додава Ангеловска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот