Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Секое куче задолжително треба да се прошета

Една од главните обврски на секој сопственик на куче е прошетката. Дали навистина секое куче мора да излезе на прошетка секој ден? На ова прашање за „Слободен печат“ одговара Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина.

Честопати го добивам ова прашање. ДА! СЕКОЕ КУЧЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОШЕТА, СЕКОЈ ДЕН и тоа барем една главна подолга прошетка и уште две пократки.

Многупати ми се случило, сопственици на помали раси, особено оние фенси раси како померанскиот пес, да изјават дека тоа куче не се шета, дека го изнесуваат еднаш неделно, во корпа или во раце и дека така им било препорачано од одгледувачот. Ве уверувам дека секое куче има потреба да излезе на прошетка секој ден. Тоа е важно за неговиот физички и социјален развој. Тие се социјални животни и имаат потреба од комуникација, покрај со луѓе и со единки од нивниот вид. Да, треба да ги дружите со други кучиња. Редовно.

Социјализацијата на кучето со сопствениот вид не смее да му биде одземена. Мора да му се дозволи да комуницира со други кучиња и да остане куче.

Што добива кучето со една прошетка?

Прво, ќе ја користи за извршување на своите физиолошки потреби. Знам дека во последно време сопствениците на кучиња ги одбираат пелените за кучиња за користење во домот во замена за прошетката и извршувањето на физиолошките потреби надвор. Тоа не ми се допаѓа. Пелените помагаат, но употребата на пелената, односно, можноста кучето да ја користи кога и да има потреба, не му дозволува да ја стекне навиката да почекува и физиолошките потреби да ги извршува надвор, при прошетките кои треба да се во доволен број согласно потребите на кучето (возраст, здравствена состојба, навики, услови на живот).

Второ, прошетката му помага да излезе на свеж воздух, во природа и едноставно да се раздвижи, да потроши енергија и да добие соодветен физички тренинг кој е многу важен за раст и развој а подоцна за одржување на виталноста на животното. На секое куче во природата му е да се движи надвор, да може да се истрча и да си поигра со други кученца.

Трето, осознавањето на околината, социјализацијата и комуникацијата со светот околу себе е само и единствено преку прошетките надвор. Кога шетате и кучето го користи сетилото за мирис, односно „душка“ по земјата, тоа добива неверојатно многу информации за околината, како на пример- кучето кое претходно поминало и оставило мирис преку урината, дали е машко или женско, старо или младо, кучка во циклус, бремена или во лактација, мажјак- млад или полово зрел, дали е болно или здраво, дали е нервозно или среќно, дали е тоа неговата територија и сл.

Кога ќе му дозволите да поигра со други кучиња, се раздвижува буквално цело тело- од носот до опашката. Ниту еден друг тренинг не му го овозможува тоа.

Од друга страна, социјализацијата со сопствениот вид не смее да му биде одземена. Мора да му се дозволи да комуницира со други кучиња и да остане куче. Не го претварајте во човек, тоа не може да биде.

Во принцип за возрасно здраво куче доволни се три прошетки, рамномерно распоредени во денот, од кои едната ќе биде подолга. Кај малите кутриња потребно е почесто да излезат надвор, барем накратко за извршување на своите физиолошки потреби. Кај постари и болни кучиња- прошетките се согласно состојбата и препораките од матичниот ветеринар.

Исто така важно е и дека таа прошетка со вашето куче, значи здравје и за вас. Па уживајте!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот