Aлександар Андов/ФФМ

Андов за поразот од Унгарија: Игравме со фаворит за првото место, ние градиме нова селекција

Maкедонската женска фудбалска репрезентација вчера беше поразена со убедливи 5-0 од репрезентацијата со Унгарија во третата рунда од квалификациите за Светското првенство.

Според селекторот Александар Андов овој натпревар бил прилика за нашите фудбалери да го соберат неопходното искуство за во иднина, а Унгарија ја истакна како прв фаворит за победник во нашата група. Од нашите редови, селекторот посебно ја издвои Теона Галабовска.

„Унгарија е сериозен противник, фаворит за освојување на првото место во групата и тоа го докажа на дуелот во Битола. И овој натпревар беше уште една можност за оваа талентирана генерација да го стекне неопходното искуство кое во иднина ќе овозможи вакви мечеви да се играат на далеку повисоко ниво. Би сакал да го потенцирам настапот на Теона Галабовска која од натпревар во натпревар игра сè подобро и го потврдува големиот талент. Како награда за тоа што го прикажа на теренот, решив во финишот таа да ја носи и капитенската лента. Сметам дека Теона треба да го почувствува моментот кога треба да е лидер на екипата бидејќи тоа го очекуваме во иднина“, изјави селекторот Александар Андов.

И покрај високиот пораз, Андов е задоволен.

„Во принцип задоволен сум од прикажаното. Во одредени ситуации одигравме она што претходно беше договорено. За жал скапо ја плативме цената на деконцентрацијата во дефанзивата, а на моменти потфрлија и фудбалерките во средниот ред. Премногу рано примивме два гола, Унгарките веќе по десет минути игра имаа голема предност“, продолжи Андов.

„Нашата цел е јасна, градиме нова селекција во која шанса ќе добиваат младите фудбалерки. Вакви натпревари за нив се одлична можност за напредок. Верувам во овие девојки и се надевам дека на следниот дуел во Унгарија ќе играме многу подобро. Тоа се поткрепува со фактот дека бевме рамноправни во второто полувреме што значи дека во овој тим има потенцијал за да игра на повисоко ниво“, потенцираше предводникот на националниот тим.

Македонија против Унгарија и не беше во комплетен состав бидејќи дел од репрезентативките во сениорска категорија настапуваат и за селекцијата до 19 години која исто така имаше обврски во квалификациите.

„Точно е дека на овие средби со Унгарија играме некомплетни. Со колегата Кирил Изов мораше да се договориме кои фудбалерки ќе бидат дел од А селекцијата, а кои ќе настапат за националниот тим до 19 години кој е дел од елитните квалификации за Европското првенство. Во Шкотска заминаа помладите фудбалерки за кои во моментов е подобро да играат со противници од својата генерација. Нивното отсуство го надополнија неколку фудбалерки кои се дел од репрезентацијата до 17 години кои исто така во иднина треба да ја засилат конкуренцијата во сениорскиот тим. Заедно со моите колеги од стручниот штаб работиме да изградиме еден добар тим, кој во блиска иднина треба да биде конкурентен во дуелите со најдобрите селекции од Европа“, заврши Андов.

Македонските фудбалерки поразени од Унгарија во квалификациите за Светското првенство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот