Андоновиќ: Гандиевски протести како отпор на насилните демонстрации (ФОТО+ВИДЕО)

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Денеска во Србија стапуваат на сила вонредните мерки воведени од владата со кои се предвидува ограничување на движењето, забраната за јавни масовни собири и ограничување на бројот на лица, кој не смее да биде повеќе од пет.

Вчера усвоените мерки од страна на владата на Ана Брнабиќ ја поставија дилемата дали денеска четврти ден по ред ќе продолжат протестите кои изминативе три дена беа одржани низ градовите во Србија. Демонстрациите беа испровоцирани од намерите на српскиот претседател Александар Вучиќ да воведе целосен карантин за време на претстојниот викенд поради, растечкиот број на новозаразени и починати од коронавирусот. Оваа одлука предизвика жестоки протести низ поголемите српски градови, кои ја принудија српската влада да ја повлече оваа одлука и да воведе поблаги рестриткивни мерки, како што е ограничувањето на бројот на лица и ограничувањето на работното време на локалите и угостителските објекти.

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Наспроти првите два дена од протестите кои минаа во жестока пресметка на демонстрантите и полицијата, вчера граѓаните во Белград, Нови Сад и Ниш започнаа со поинаква форма на протести.

Под мотото ,,Седи не наседнувај“, неколку илјади граѓани се собраа пред платото на Српското собрание, и седејќи на асфалтот го демонстрираа своето незадоволство поради политиките на Александар Вучиќ. Причина за овие мирни протести се, обвинувањата дека првите два дена од насилните протести биле организирани од радикалните и навивачки групи, кои, како што обвинија, биле организирани од страна на актуелната српска власт за да предизвикаат инциденти и така да ги прикажат сите граѓани кои протестираат дека се насилни.

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Вчерашниот ден во Белград и во останатите градови помина во главно мирно, во духот на Ганди, односно демонстрантите седеа мирно пред српското собрание, каде иако имаше бројни полициски сили, не дојде до никаков насилен контакт. Беа регистрирани обиди на поединци кои фрлајќи петарди врз мирните демонстранти сакаа да предизвикаат тензии, но безуспешно.

Засега не се знае дали протестите ќе продолжат и денеска, но бидејки нема организатор, се очекува преку социјалните мрежи да бидат повикани сите граѓани повторно да се соберат на мирен протест.

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Во меѓувреме Српскиот престедател Александар Вучиќ се наоѓа во Париз каде на средбата со претседателот Емануел Макрон го образложува предлогот кој Белград планира да го прифати за постигнување на договор, и нормализирање на односите со Косово. Вучиќ денеска ќе има и видео средба со германската канцаларка Меркел која заедно со Макрон и европските челници посредуваат во разговорите меѓу Белград и Приштина кои ќе се случат по повеќе од една година застој.

Токму намерите на Вучиќ за наводно негово прифаќање на копромисот за демаркација на заедничката граница со Приштина, се посочени како една од причините на жестоките протести во Белград. Српската опозиција која ги подржува протестите го обвинува Вучиќ дека стои зад насилните демонстрации со кои сака да ги дефокусира српските граѓани и меѓународната јавност од прифаќањето на, како што го нарекоа, срамниот план за губење на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот