Анализа на причините: Раст на процентот на позитивни случаи од ковид тестовите од 6,5 на 8

Изминатите три дена е зголемен процентот на позитивни случаи на Ковид-19 од вкупниот број на направени тестови. Според министерот за здравство, Венко Филипче имавме тренд на опаѓање и од 10 проценти, бројката се спушти на 6,5 за сега да биде околу осум.

Министерот вчера информира дека се прават анализи за причините на зголемениот процент на позитивни случаи и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.

– Секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитувани. Сите мора да сфатат дека така ќе живееме и само така ќе се заштитиме. Само со придржување до превентивните мерки можеме да излеземе од кризата, нагласи вчера Филипче.

Во однос на барањето на родителите на деца до шест години, министерот рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство, практично шест месеци.

– Ги кажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и натаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките, развиени се алгоритми како и што се постапува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата, рече министерот.

Во меѓувреме директорот на струмичката градинка, Васил Бубев изјави дека уште две деца од градинката се позитивни на Ковид-19.

– Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на Ковид-19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски, изјави директорот Бубев. Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се наоѓаат во изолација.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 140 нови случаи на Ковид-19. Најмногу во Скопје – 47, по што следуваат Куманово со 18 и Тетово со 15. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.

Во Прилеп има седум нови случаи, во Кочани – пет, Гевгелија, Струмица и Радовиш по четири, Штип, Струга, Велес, Битола, Гостивар, Берово и Свети Николе по три, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Делчево, Кичево и Ресен по двајца и во Охрид, Крушево и Македонски Брод по еден случај.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 60 оздравени пациенти од кои во Скопје – 25, Куманово – девет, Кочани – шест, Штип, Струга, Пехчево по три, Прилеп, Охрид, Кавадарци и Кичево по двајца, Крива Паланка, Берово и Делчево по еден оздравен пациент.

Починаа шест лица – три од Скопје на возраст од 84 години, 73 години, односно 74 години, две од Тетово на возраст од 68 години, односно 55 години и еден пациент од Струга на 62 годишна возраст.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 78 пациенти. На кислородна поддршка се 43 лица, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на Ковид-19, пет деца и пет мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 септември” се хоспитализирани вкупно 31 пациент. На респираторна машина е еден пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 22 пациента, а во болницата во Штип се хоспитализирани 43 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 160, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 16 557, бројката на оздравени пациенти е 13.792, на починати е 689. Во моментот активни се 2.076 активни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот