Амстердам стана прв град во светот што забрани јавни реклами за фосилни горива и за месо
Амстердам стана првиот главен град во светот што ги забрани јавните реклами за месо и за производи од фосилни горива. Од 1 мај, рекламите за бургери, автомобили на бензин и авиокомпании се отстранети од билбордите, трамвајските постојки и метро-станиците, објави Би-би-си.
Препорачано
На една од најпрометните трамвајски станици во градот, покрај тревнат кружен тек преполн со жолти нарциси и портокалови лалиња, изгледот на рекламните постери е променет.
Сега тие го промовираат националниот музеј на Холандија, и концерт за пијано. До минатата недела таму имаше реклами за пилешки прсти, СУВ возила и евтини одмори.
Политичарите во градот велат дека оваа мерка има за цел да го усогласи јавниот простор на Амстердам со еколошките цели на локалната власт.
Тие предвидуваат холандската престолнина да стане јаглеродно неутрална до 2050 година, а локалното население да ја преполови потрошувачката на месо во истиот период.
Превенцијата од климатските промени до 2050 година ќе чини 6 трилијарди долари!
„Климатската криза е многу итна. Ако сакате да бидете лидери во климатските политики, а истовремено ги изнајмувате вашите ѕидови за токму спротивното, тогаш што правите?“, прашува Анеке Венхоф од партијата Зелена левица.
„Повеќето луѓе не разбираат зошто општината треба да заработува од изнајмување јавен простор за нешто против кое активно спроведуваме политики“, дополни таа.
Овој став го дели и Анјке Бакер, лидерка на амстердамската група на Партијата за животните.
Таа ги иницираше новите ограничувања и ги отфрла обвинувањата дека станува збор за претерана државна контрола.
„Секој може сам да донесува одлуки, но ние се обидуваме големите компании да престанат постојано да ни кажуваат што треба да јадеме и купуваме“, вели Бакер.
„На некој начин, им даваме повеќе слобода на луѓето, затоа што можат сами да изберат, нели?“, нагласи таа.
Отстранувањето на ваквите визуелни реклами, вели таа, ги намалува импулсивните купувања и испраќа сигнал дека евтиното месо и патувањата што ја загадуваат средината повеќе не се посакуван начин на живот.
Месото претставувало релативно мал дел од пазарот на надворешно рекламирање во Амстердам – околу 0,1 отсто од рекламните трошоци, во споредба со околу 4 проценти за производи поврзани со фосилни горива.
Рекламите главно биле доминирани од брендови за облека, филмски постери и мобилни телефони.
Но политички, забраната испраќа порака. Ставањето во ист кош на месото со летовите, крстарењата и автомобилите на бензин и дизел го претставува не само како личен избор во исхраната, туку и како климатско прашање, пренесува Би-би-си.
Холандската асоцијација за месо, која ја претставува индустријата, е незадоволна од оваа мерка, нарекувајќи ја „непосакуван начин за влијание врз однесувањето на потрошувачите“.
„Месото обезбедува есенцијални хранливи материи и треба да остане видливо и достапно за потрошувачите“, посочува Асоцијацијата.
Во меѓувреме, Холандската асоцијација на туристички агенции и тур-оператори смета дека забраната за рекламирање одмори што вклучуваат авионски патувања е непропорционално ограничување на комерцијалната слобода на компаниите.
За активистката Хана Принс, забраната на рекламирање месо е намерен обид да се создаде „момент како со тутунот“ за храната со висок јаглероден отпечаток.
„Ако погледнам стари фотографии, го имате Јохан Кројф, познатиот холандски фудбалер. Тој се појавуваше во реклами за тутун. Тоа некогаш беше нормално. Тој почина од рак на белите дробови. Можеше да се пуши во воз, во ресторани. За мене тоа денес изгледа чудно – зошто луѓето го правеле тоа?, вели таа.
Според неа, она што го гледаме во јавниот простор го сметаме за нормално во општеството.
„Јас не мислам дека е нормално да се гледаат убиени животни на билборди. Затоа мислам дека е многу добро што тоа ќе се промени“, дополнува Принс.


