Доналд Трамп и Владимир Путин / Фото Архива на СП

„Амнести интернешнел“: Трамп, Путин и Нетанјаху годинава не се воздржаа од масовно уништување и угнетување

Mоментално најзагрижувачко прашање е војната во Иран, a „Амнести интернешнел“ документирала кршење на човековите права во околу 140 земји.

Билансот на организацијата за заштита на човекови права, „Амнести интернешнел“, за изминатата година е вознемирувачки, а нејзиниот најнов извештај покажува дека човековите права сè почесто се кршат ширум светот, како од држави, така и од индивидуи. И во повеќето случаи, сторителите остануваат неказнети. „Извештајот на Амнести 2025“, кој беше објавен на различни локации во светот, наведува дека 2025 година е карактеризирана со „предаторско однесување“ на многу моќни личности, пишува „Дојче веле“ (ДВ).

Извештајот притоа осудува политички лидери кои доминираа на насловните страници низ целиот свет.

„Шефовите на држави и влади како Доналд Трамп, Владимир Путин, Бенјамин Нетанјаху и останати, не се воздржаа од масовно уништување, угнетување и насилство во нивните грабежи за економска и политичка доминација“, се вели во извештајот.

Духров: „Иран не може да биде ослободен со кршење на меѓународното право“

Според генералниот секретар на „Амнести интернешнел Германија“, Јулија Духров, моментално најзагрижувачко прашање е војната во Иран, иако нагласува дека организацијата документирала кршење на човековите права во околу 140 земји. За ДВ таа вели дека „луѓето во Иран живеат во двојна опасност: прво, од нападите на САД и Израел, кои го кршат меѓународното право и се насочени и кон цивили и инфраструктура; и второ преку репресијата од нивната влада, која веќе резултираше со илјадници смртни случаи“.

Според Духров, режимот во Техеран и покрај тоа може да биде сменет само ако се почитува меѓународното право.

– Нападите спротивни на меѓународното право, не доведоа до подобрување на ситуацијата. Сега стравуваме од уште посилни напади од иранското раководство врз сопственото население – вели таа.

Но, стариот светски поредок не го напуштија само САД, Русија и Израел, туку и многу други држави сè повеќе се оддалечуваат од политиката заснована на цврсти меѓународни правила, се нотира во годишниот извештај на „Амнести интернешнел“.

„Светски поредок кој се издигна од пепелта на Холокаустот и од неспоредливата деструкција од двете светски војни и кој постојано, со голем напор беше граден во текот на изминатите 80 години, за жал со недоволна стабилност. А, преостанатите држави, кои се потпираат на демократија и на владеење на правото и на меѓународниот компромис, честопати се чинеа беспомошни и прибегнуваа кон смирување“, се вели понатаму.

Тажен биланс. Дали е и резигнација? Не остана ли ништо од стариот светски поредок? Напротив, се вели во извештајот на организацијата кој говори за напорите на дипломатите и на активистите за помирен свет по 1945 година, кои дури ги опишува како „ремек-дело“.

„Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за геноцид усвоени во 1948 година, како и многуте други правила кои беа дискутирани и усвоени во следните 80 години, во никој случај не се илузија“, се вели и додава дека оние кои сега гласно го оплакуваат крајот на светот базиран на правила, вообичаено се заинтересирани за негово укинување.

„Во едно може да бидеме сигурни – извештаите за умирање на овој меѓународен систем базиран на правила се претерани“, наведува „Амнести интернешнел“.

„Амнести интернешнел“ со тежок извештај за Србија: Власта ги заплашува студентите и новинарите, а и засилено го вооружува Израел

Критика за визиите на Марко Рубио

„Амнести Интернешнел“ првенствено критикува две влади, оние на САД и на Израел. Во однос на САД под претседателот Доналд Трамп, во извештајот се наведува дека во јануари 2026 година, министерот за надворешни работи Марко Рубио претставил визија за нов поредок, западен сојуз на христијански цивилизации, која едноставно игнорирала важни историски факти.

Рубио зборувал за гордоста на овие држави на нивната оставштина, „наследство кое тој постојано го романтизираше во својот говор. Но, зборови не можат да сокријат факти. Ова заедничко наследство е обележано од хегемонија, колонијализам, ропство и геноцид“, се вели во извештајот.

Драстични се и забелешките за постапувањето на Израел против неговите соседи во конфликтот на Блискиот Исток.

„Меѓународните механизми потфрлија за милиони луѓе, како во случајот со Палестинците, кои доживуваат геноцид, апартхејд и окупација од страна на израелската влада“, наведува „Амнести“.

Во врска со рускиот претседател Владимир Путин, во извештајот стои дека „Русија продолжува да врши злосторства против човештвото во Украина“.

Надеж за ангажирање на цивилното население

Сето ова звучи како развој кој неумоливо напредува и ќе доведе до натамошни ескалации. Но, што се однесува до војната на САД и Израел против Иран, забележани се значителни движења на дистанцирање, особено меѓу некои земји членки на ЕУ. „На почетокот на 2026 година, некои европски држави се чини дека станаа посвесни за глобалната закана. Тие одбија да се приклучат на нападите од САД и Израел врз Иран“, се вели во извештајот и се додава дека „и тие ветија оти ќе го заштитат националниот суверенитет.“ Јулија Духров има многу примери што може да родат надеж во свет кој се чини дека излегол од колосек. „Во Иран луѓето излегоа на улиците иако знаеја дека им се заканува опасност по здравјето и животот. Во Унгарија нехуманите политики на Виктор Орбан штотуку добија црвен картон. И постојано од затвор излегуваат луѓе како Марија Колесникова во Белорусија, за која се ангажиравме ние“, вели Духров за случајот на прочуената белоруска музичарка и активистка за човекови права Колесникова, која беше ослободена од затвор во декември 2025 година по пет години минати зад решетки.

Реториката на Трамп ги уништи шансите за договор со Техеран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот