ФОТО: Полициски сили против протестантите во Белград за литиум - Извор : X

„Амнести интернешнел“ со тежок извештај за Србија: Власта ги заплашува студентите и новинарите, а и засилено го вооружува Израел

Извештајот на „Амнести интернешнел“ открива дека српската полиција без основа привела стотици демонстранти, при што дел биле физички малтретирани, а некои од нив добивале и закани дека ќе бидат силувани и убиени.

Во Србија, демонстрантите, новинарите и организациите на граѓанското општество се соочија со заплашување, вознемирување и со незаконски надзор од властите кои се обидуваа да го смират широко распространетото незадоволство, се наведува во извештајот на „Амнести интернешнeл“ за состојбата со човековите права во светот, кој беше објавен денеска.

Во извештајот на оваа невладина организација се истакнува и дека властите во Србија „го засилиле трансферот на оружје кон Израел“.

Во делот „Неодговорни трансфери на оружје“, во извештајот се наведува дека во првата половина од годината Србија извезла муниција во Израел вредна над 55 милиони евра, со што ги прекршила своите обврски од Договорот за трговија со оружје и меѓународното хуманитарно право.

Се додава дека Србија не одговорила на барањата за информации во врска со деталите за трансферот меѓу двете земји.

„Демонстрантите добивале закани дека ќе бидат силувани и убиени“

Во Србија, 2025 година ја одбележаа демонстрации низ целата земја, поттикнати од уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе. Демонстрантите тврдеа дека немарноста е поттикната од корупција и бараа политичка одговорност од претседателот Александар Вучиќ, како и предвремени избори и широки реформи, потсетува „Амнести интернешнел“.

„Протестите предизвикаа остар одговор од полицијата и владејачката Српска напредна странка (СНС)“, пишува извештајот, во кој се додава и дека демонстрантите во повеќе случаи биле изложени на прекумерна употреба на сила, како и на заплашување, тепање и на злоупотреба од страна на полицајци. Се наведува и дека демонстрантите биле нападнати од поддржувачи на СНС, чии постапки претседателот подоцна ги одобрил и ги помилувал.

Понатаму се наведува дека „полицијата произволно привела стотици демонстранти, дека десетици од нив биле удирани и тепани со шлаканици, а некои приведени добивале закани за силување, насилство и за смрт“.

БИРН: Руски паравоени кампови во српските и босанските шуми – во нив се обучувале молдавски платеници

„Новинарите се заплашувани и шпионирани“

Новинарите, исто така, биле мета додека известувале за протестите и за други прашања од јавен интерес, а до средината на годината биле регистрирани повеќе од 160 случаи на заплашување и напади, наведува извештајот, додавајќи дека властите продолжиле и со незаконска употреба на шпионски софтвер и со други инвазивни дигитални форензички алатки против активисти и новинари.

„Дискриминацијата останува значаен проблем што ги погодува жените и девојчињата, Ромите, ЛГБТИ лицата и лицата со попреченост“, се наведува во извештајот за Србија, при што се додава дека „кривичното гонење за воени злосторства и регионалната правосудна соработка се ставени настрана“.

Во извештајот на „Амнести интернешнел“ за 2025 година се наведува и дека во Србија е постигнат „ограничен напредок во обезбедувањето на правото на здрава животна средина“.

ВИДЕО | Сурово однесување на српската полиција кон демонстрантите: Брутално претепани граѓани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот