Американскиот рапер Пу Шајсти - Фото: Инстаграм/poohshiesty

Американскиот рапер Пу Шајсти е обвинет за киднапирање и вооружен грабеж по спор со издавачка куќа

Американскиот рапер Пу Шајсти и уште осум лица се обвинети од федералните обвинители за киднапирање и вооружен грабеж на тројца мажи во Тексас, што произлегло од спор поврзан со договор со издавачката куќа на раперот Гучи Мејн, објави „Ен-би-си Њуз“.

Канцеларијата на федералниот обвинител во Далас не го откри идентитетот на жртвите, туку во документите на истражното биро тие се наведени само со иницијали. Една од жртвите, означена како Р.Д., е опишана како сопственик на издавачката куќа „1017 Рекордс“, која е во сопственост на Гучи Мејн, чие вистинско име е Радрик Делантик Дејвис.

„Жртвите во овој случај пристигнале во Далас за легитимен деловен состанок, но наместо тоа биле пречекани со огнено оружје и насилство“, изјавил федералниот обвинител за северниот округ на Тексас, Рајан Рејболд, на прес-конференција.

Според обвинението, настанот се случил на 10 јануари, кога тројцата мажи отпатувале во Далас за, како што мислеле, деловна средба во музичко студио. Се наведува дека Пу Шајсти, со вистинско име Лонтрел Вилијамс Помладиот, го организирал состанокот со цел да се разговара за условите од неговиот договор со издавачката куќа.

Откако жртвите влегле во студиото, Вилијамс Помладиот и уште осум соучесници, од кои некои допатувале од Мемфис, извршиле координиран напад со огнено оружје. Обвинителот Рејболд го опиша Пух Шајсти како водач на групата.

Осум од вкупно деветте осомничени биле уапсени во средата. Истражното биро извршило претрес во куќа во предградието Кордова, за која според евиденцијата се води дека му припаѓа на Пу Шајсти.

Според истражните наоди, раперот побарал приватен разговор со сопственикот на издавачката куќа во една од просториите на студиото. За време на разговорот, заедно со неговиот татко Лонтрел Вилијамс Постариот и раперот Биг Трити, со вистинско име Родни Рајт, му презентирал документ за раскинување на договорот и побарал да го потпише. По настаната расправија, Пу Шајсти наводно извадил оружје налик на автоматска пушка и го принудил оштетениот да го потпише документот. Воедно му одзел венчален прстен, рачен часовник, обетки и пари.

Кога излегле од просторијата, останатите осомничени извадиле оружје и ги ограбиле другите две лица. Една од жртвите, означена како М.М., била задавена речиси до губење на свеста. Исто така се наведува дека Родни Рајт ја блокирал вратата од студиото за да им го оневозможи излезот.

Во моментот кога се случил настанот, Пу Шајсти се наоѓал во домашен притвор поради претходна пресуда поврзана со незаконско поседување оружје во Флорида и носел електронска направа за следење. Истражителите во постапката користеле податоци од таа направа, како и видео надзор, телефонски записи и објави од општествени мрежи.

Гучи Мејн се смета за еден од пионерите на трап музиката, заедно со раперите Ти Ај и Џизи. Тој се прославил во средината на двеилјадитите години со песната „Ајси“, а во текот на кариерата изградил обемен музички опус и помогнал во развојот на бројни изведувачи. Неговата кариера била проследена и со повеќе правни проблеми, вклучувајќи обвиненија за поседување дрога, напад и прекршување на условна казна. Во 2014 година бил осуден во федерален случај поврзан со оружје, а од затвор бил ослободен во 2016 година.

Во својата автобиографија од 2017 година зборува за личниот напредок и за борбата со менталното здравје, вклучително и дијагнози како шизофренија и биполарно растројство. Во последниве години јавно истакнува дека води постабилен и трезвен живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот