Американската влада драстично го намали бројот на препорачани вакцини за деца – експертите алармираат дека одлуката е екстремно опасна
Експертите и педијатрите предупредуваат дека отстапувањето од јасни и рутински препораки за вакцинација не е во согласност со научните докази, ја поткопува довербата на јавноста и може да доведе до поголема збунетост кај родителите и повеќе заболени деца.
Американската влада драстично го намали бројот на препорачани вакцини за деца, тргајќи настрана шест рутински вакцини кои со децении штитеа милиони деца од сериозни болести, трајни последици и смрт, објави „Ен-пи-ар“.
Препорачано
Само три од шесте вакцини што Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) повеќе нема рутински да ги препорачуваат — против хепатит А, хепатит Б и ротавирус — во изминатите 30 години спречиле речиси 2 милиони хоспитализации и повеќе од 90.000 смртни случаи, според податоци од самите публикации на ЦДЦ.
Вакцините против овие три болести, како и против респираторниот синцицијален вирус (РСВ), менингококната болест, грип и ковид-19, отсега ќе се препорачуваат само за деца со висок ризик од тешка форма на болеста или преку т.н. „споделено клиничко одлучување“ — односно индивидуална проценка во разговор меѓу лекарите и родителите.
ЦДЦ ги задржа рутинските препораки за 11 детски вакцини: морбили, заушки и рубеола (ММР); голема кашлица, тетанус и дифтерија; бактериската болест Hib; пневмонија; полио; варичела (овчи сипаници); и хуман папилома вирус (HPV).
Според информативен лист на Министерството за здравство и социјални услуги (ХХС), федералното и приватното осигурување и натаму ќе ги покриваат вакцините што повеќе не се универзално препорачани, што значи дека родителите кои ќе сакаат да ги вакцинираат своите деца нема да плаќаат од свој џеб.
Експертите за детски заразни болести изразија збунетост од новите препораки. Од ХХС соопштија дека промените следуваат по „научна ревизија на доказите“ и дека се усогласени со вакциналните програми во други развиени земји.
Министерот за здравство на САД, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, познат како противник на вакцинацијата, ја посочи Данска како пример. Сепак, вакциналните календари на повеќето европски земји се поблиску до претходниот американски модел, кој со новите насоки е напуштен.
На пример, Данска не вакцинира против ротавирус, но годишно регистрира околу 1.200 хоспитализации кај доенчиња и мали деца. Таа стапка, во земја со шест милиони жители, е приближно иста како во САД пред воведувањето на вакцината.
– Тие се подготвени да прифатат 1.200 или 1.300 хоспитализирани деца годишно, што е само врвот на ледениот брег кога станува збор за детското страдање. Ние не бевме подготвени на тоа. Тие треба да се угледаат на нас, а не обратно – изјави директорот на Центарот за едукација за вакцини при Детската болница во Филаделфија и коавтор на лиценцирана вакцина против ротавирус, Пол Офит.
Јавно-здравствените експерти предупредуваат дека новите насоки ја префрлаат одговорноста врз родителите сами да истражуваат и да разберат зошто секоја вакцина е важна.
Кои вакцини се тргнати од рутинската препорака?
Шест вакцини се тргнати од рутинската препорака, а тоа се вакцините за РСВ, хепатит А и Б, ротавирус, менингококна болест и за грип и ковид-19.
РСВ (респираторен синцицијален вирус)
РСВ е најчеста причина за хоспитализација на доенчиња во САД. Вирусот најчесто се шири наесен и зиме и предизвикува симптоми слични на настинка, но може да биде смртоносен, со десетици илјади хоспитализации и стотици смртни случаи годишно. Околу 80 отсто од хоспитализираните деца под 2 години немаат препознатливи ризик-фактори. Вакцините против РСВ беа воведени дури во 2023 година.
Хепатит А
Вакцинацијата против хепатит А, која започна кон крајот на 1990-те и стана универзална за деца од 2006 година, доведе до намалување на болеста за повеќе од 90 отсто. Вирусот, кој се пренесува преку храна и предизвикува тешка клиничка слика, и понатаму е присутен кај возрасни, особено кај бездомници и кај луѓе што злоупотребуваат дроги или алкохол. Во 2023 година се пријавени 1.648 случаи и 85 смртни исходи.
Хепатит Б
Оваа болест предизвикува рак на црниот дроб, цироза и други сериозни состојби и е особено опасна кај бебиња и мали деца. Од 1990 до 2019 година, вакцинацијата доведе до пад од 99 отсто на акутните случаи кај деца и адолесценти. Сепак, вирусот и натаму циркулира, со 2.000–3.000 акутни случаи годишно кај невакцинирани возрасни и над 17.000 хронични инфекции во 2023 година.
Ротавирус
Пред воведувањето на рутинската вакцинација во 2006 година, околу 70.000 деца годишно беа хоспитализирани, а 50 умираа од ротавирус. Денес болеста речиси и не се среќава, но вирусот и натаму е присутен на површини што ги допираат бебињата и може повторно да предизвика хоспитализации ако опфатот се намали.
Менингококна болест
Иако релативно ретка, болеста има смртност над 10 отсто, а 1 од 5 преживеани има трајни последици. Во САД се регистрираат 600–1.000 случаи годишно.
Грип и ковид-19
И двата вируса во последните години одзедоа стотици детски животи. Само минатата сезона грипот уби 289 деца во САД.
Децата дури сега задолжително ќе се вакцинираат против варичела во Бугарија
„Овој пристап е спротивен на науката“
Со новите правила, одлуката за вакцинација против грип, ковид-19, ротавирус, менингококна болест и хепатит А и Б ќе зависи од индивидуална проценка во разговор со здравствен работник.
– Тоа значи дека лекарот треба да разговара со родителите за ризиците и придобивките и да донесе одлука за конкретното дете – објаснува специјалистот за детски инфективни болести од Детската болница во Филаделфија, д-р Лори Хенди.
Експертите предупредуваат дека овој пристап не е усогласен со научните докази за масовната корист од вакцините и може дополнително да ја наруши довербата на јавноста.
– Вакцините се меѓу најстрого контролираните медицински интервенции што ги имаме. Јасните и рутински препораки му помагаат на јавноста да знае дека тие се темелно проверени – нагласува Хенди.
Педијатрите предупредуваат дека новите насоки ќе создадат уште поголема конфузија кај родителите и ќе доведат до повеќе заболени деца.
– Јасноста во препораките е клучна за јавното здравје. Секое заматување на пораката значи повеќе болни деца – вели педијатарот Ерик Бол од Калифорнија.
Правните експерти нагласуваат дека државните закони за задолжителна вакцинација не се менуваат и дека лекарите и понатаму можат и треба да ги препорачуваат вакцините според научните докази.
– РСВ, менингококната болест и хепатитисот и натаму се сериозни закани за детското здравје – предупредуваат тие.


