Алтернатива доби в.д. лидер: Беким Сали и вицепремиер и лидер откако Зеќирија Ибрахими поднесе оставка
Ибрахими во објавата на Фејсбук вели дека неговата оставка доаѓа како резултат на неговите политички убедувања и визија, а не поради внатрешно незадоволство
Вицепремиерот и министер за европски прашања во најава Беким Сали е вршител на должност претседател на Алтернатива откако синоќа досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка од функцијата, на седницата на Централното собрание на партијата. Сали уште неименуван на новата функција во Владата на Христијан Мицкоски ќе биде в.д. претседател на Алтернатива до партискиот конгрес следната година.
Препорачано
Ибрахими во објавата на Фејсбук вели дека неговата оставка доаѓа како резултат на неговите политички убедувања и визија, а не поради внатрешно незадоволство. Според него, неодамнешните случувања во коалицијата Вреди бараат нов ритам и ново водство и дека одлуката доаѓа бидејќи не планирал да се кандидира за реизбор на конгресот следната година.
-Иако мојата намера не беше да го направам ова со поднесување оставка, туку едноставно да не се кандидирам повторно за оваа позиција на следниот конгрес на Алтернатива, кој треба да се одржи во март, април следната година, токму случувањата во Вреди наметнаа поинаква динамика. И бидејќи веќе одлучив да го направам ова повлекување на почетокот на следната година, го направив сега, за да можат одлуките за иднината на Алтернатива, но и на Вреди, да ги донесе новото раководство. Ова, според мене, е политички и морално поправилно – вели Ибрахими.
Тој изјави дека Вреди влегла во фаза каде што се потребни „нов политички проект, нова визија и нова енергија“ и оцени дека исполнила дел од својата политичка мисија – отстранување од сцената на старата политичка класа, која ја смета за одговорна за деградацијата на застапеноста на Албанците во земјата.
-Всушност, за да се елиминира какво било недоразбирање, можам да кажам дека, цврсто верувајќи во обединувањето на Вредо, веќе понудив модел на овој сојуз на масата на лидерите и сум многу оптимист дека ќе биде прифатен. За да го продлабочам ова објаснување, морам да кажам дека по ова искуство во Вреди и по изборниот успех, сега кога на Вреди му е потребен нов политички проект, нова визија, нова политичка кауза, редефинирање на политичката субјективност на Албанците, но и ново лидерство, верувам дека не можам да понудам повеќе отколку што досега понудив во овој поглед од оваа позиција и затоа сакам да бидам патот за новата енергија што ја бара овој процес – вели Ибрахими.
Тој ги наведе достигнувањата на Алтернативa во текот на изминатите 11 години политичко ангажирање – од промовирање конзервативни политики, заштита на културниот и националниот идентитет и воспитување на нова генерација политичари во партијата.
Тој рече дека се повлекува од функцијата со гордост и нагласи дека неговата посветеност не е мотивирана од моќ, туку од интелектуални и политички убедувања. Ибрахими јавно се извини за секоја ненамерна грешка и рече дека им простил на сите што го навредиле изминативе години.
Откако поднесе оставка, тој објави дека ќе продолжи да придонесува зад сцената, особено во политичкото образование на младите и дека планира да се врати на научни и литературни проекти.


