Алкалоид скапо ја продаде кожата, Вардар во финишот дојде до победата

Фото: РК Алкалоид

Актуелниот шампион Вардар во дербито на 4 коло во ракометната Суперлига со 28:25 го совлада Алкалоид кој иако е дебитант во најсилната македонска лига, со Кирил Лазаров на клупата уште еднаш покажа дека ќе биде тврд орев за големите фаворити.

Вардарци кои одиграа натпревар со доста осцилации во играта, до победата дојдоа благодарение на серијата од 5:0 во последните седум минути од натпреварот.

Шампионот подобро го отвори натпреварот и поведе со 3:1, но младите ракометари на Алкалоид успеаја да фатат резултатски приклучок и израмнија на 7:7.

„Црвено-црните“ повторно ги презедоа работите во свои раце и поведоа со 12:9, но финишот на првиот дел му припадна на Алкалоиуд кој со серија од 0:4 на одмор замина со минимална предност.

Пресвртите и сериите на двете екипи го одбележаа и вториот дел, прв кој направи серија беше Вардар чии ракометари на најдобар начин ги искористија одбраните на Мартин Томовски и поведоа со 21:17. Тоа го натера Лазаров да повика тај-аут и работите на теренот се сменија во полза на Алкалоид.

Младиот тим на новиот суперлигаш направи серија од 0:5 и по голот на Стојковиќ поведе со 21:22. На осум минути до крајот, Алкалоид повторно по голот на Стојковиќ, за прв пат поведе со два гола предност (22:24), а следната минута погоди и за 23:25. Сепак, Алкалоид го плати данокот на неискуството, додека вардарци заиграа најдобро кога беше најпотребно и во последните седум минути со серија од 5:0 го свртеа резултатот и ја обезбедија победата од 28:25.

Томовски имаше 12 одбрани за Вардар, а во нападот се истакнаа Дејан Манасков со осум гола и Филип Талески со шест. Во редовите на Алкалоид, Стојковиќ даде шест гола, а Трајковски имаше 13 одбранети удари. Вардар по четири кола има четири победи и е лидер во групата А со 12 бода, додека Алкалоид остана на 9 бода колку што има Бутел кој беше подобар од Вардар Неготино со 27:20. Охрид немаше проблеми на гостувањето кај Куманово и славеше со 22:31, додека Струга и Приилеп одиграа 25:25.

Во групата Б, вториот тим на Еурофарм Пелистер славеа на гостувањето кај Голден Арт со 28:20, а Тиквеш со 29:20 го победи Скопје 2020

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот