Али Ахмети ги смирува тензиите: „Овој протест не е против Македонија“
„Денешниот протест не е насочен против државата Македонија бидејќи овие што се наоѓаат пред овој суд имаат придонесено за стабилноста и мирот, за иднината на оваа држава, бидејќи биле раководители на важни институции, претседатели, премиери, претседатели на Собранието и со десетици и стотици договори ставиле потпис за една попросперитетна Македонија, која не се плаши од ОВК и од овие луѓе со рани на телото. Тие не се бореле против ниту еден народ“.
Препорачано
Ова го порача лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, на денешниот протест на плоштадот Скендербег во Скпје, организиран за поддршка на поранешните водачи на Ослободителна војска на Косово – ОВК.
Тој повтори дека, според него, ОВК не водела војна против други народи, ниту, пак, им ја одзела слободата на другите, туку се борела за слободата на албанскиот народ. Ахмети нагласи дека процесот пред Специјализираните совети во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, луѓето кои се наоѓаат во притвор се обвинети за дела што не ги сториле.
Ахмети наместо на завршен митинг во Скопје, на протест за УЧК во Тирана
Во своето обраќање, Ахмети им се заблагодари и на САД, Европската Унија и на НАТО за поддршката што, според него, ѝ била дадена на ОВК, со што, како што наведе, бил спречен геноцид врз косовските Албанци.
– Денес сме собрани на плоштадот „Скендербег“, историско место за Европа. Овде, во близина, дејствувале личности како Хасан Приштина, Пјетер Богдани и Неџат Аголи, кои се бореле за слобода, правда и еднаквост – рече Ахмети.
Претходно, лидерот на ДУИ преку социјалните мрежи порача дека е време поранешните команданти на ОВК да бидат ослободени, оценувајќи дека обвиненијата против нив се неосновани и дека „борбата на ОВК е чиста“.
На протестот присуствуваа функционери и лидери на албанските политички партии во Македонија, како и гости од Албанија и од Косово.
Иако собирот помина мирно, во еден момент се слушнаа и навредливи скандирања насочени кон Србите. Организаторите, сепак, не се огласија официјално во врска со тие извици.


