Албанскиот парламент изгласа 5 и разреши 7 министри

Албански парламент/ Фото: МИА

Албанскиот парламент на посебна пленарна седница денеска изгласа пет нови министри во владата на премиерот Еди Рама, а разреши седум, откако во саботата указ за тоа потпиша шефот на државата Бајрам Бегај.

И покрај барањето на опозицијата за дебата, претседателката на законодавниот дом Линдита Никола не го дозволи тоа па веднаш се премина на гласање.

На седницата присуствуваа 110 од вкупно 140 пратеници колку што брои парламентот.

Со 95 гласови „за” разрешена е Олта Џачка, досегашна министерката за Европа и надворешни работи. Против нејзиното разрешување гласал и социјалистот и поранешен вицепремиер Ерион Браче.

На нејзино место со 74 гласови “за” избран е Игли Хасани, дипломат од кариера.

Нова министерка за образование, млади и спорт, со 72 гласови, е Огерта Манастирлиу, која го напушта министерството за здравство и социјална заштита а на нејзино место беше изгласана Албана Корчиу, за чиј избор гласаа 73 пратеници.

Нова министерка, за земјоделство и рурален развој е Анила Денај(73 гласа), додека со ист број гласови прв човек на новоформираното министерство за локална самоуправа ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.

Без образложение на гласање не беше ставен предлогот министер за економија и финансии да биде Ервин Мете, и Делина Ибрахимај, која од економија треба да биде државен министер за претприемаштво и бизнис клима. За нив се гласаше само за разрешување од претходните функции.

Новоизбраниот министри, според Уставот, треба да дадат заклетва пред претседателот Бегај, по што ги преземаат функциите.

Ова е прва поголема реконструкција на кабинетот „Рама3“ по парламентарните избори и формирањето во септември 2021 година. Во претходните две, на крајот од септември 2022 беше сменет вицепремиерот и министер за обнова Арбен Ахметај, кој сега е обвинет за корупција и е надвор од земјата, и на негово место дојде Белинда Балуку. Во средината на јули годинава Рама, по зачестените тешки кривични дела, меѓу нив и убиства, одлучи министер за внатрешни работи да биде Таулант Бала на местото на Бледи Чучи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот