Ако на изборите во Србија излезат повеќе од 4.180.000 гласачи – оваа власт е готова, прогнозира директорот на Бирото за социјални истражувања
Ако на изборите во Србија излезат повеќе од 4.180.000 гласачи – оваа власт е завршена и затоа Александар Вучиќ веројатно ќе гледа да распише избори на 12 јули, изјави за Н1 извршниот директор на Биро за социјални истражувања (БИРОДИ), Зоран Гавриловиќ.
Препорачано
Тој наведува и дека, според неговата проценка, партијата Српска напредна странка (СНС) во моментов би добила 1.865.000 гласови, односно 46 отсто, што смета дека е нивниот нивниот максимум.
Од Н1 потсетуваат дека истражувањето на агенцијата „Фактор плус“ дава убедлива предност на вонредни избори на листата на СНС во однос на студентската листа. БИРОДИ неодамна предупреди дека во Србија резултатите од истражувањата на јавното мислење често се претставуваат спротивно на законот, професионалните стандарди и меѓународните кодекси, со што директно се доведува во заблуда јавноста, а Гавриловиќ наведува дека тоа важи и за истражувањето на „Фактор плус“.
„Според Законот за електронски медиуми јасно се наведува дека секој електронски медиум мора да објави кој платил, кој го нарачал, кој го реализирал истражувањето, во кој временски период, со каква примерочна грешка, односно да ја соопшти методологијата“, вели Гавриловиќ.
Тој не знае дали „Фактор плус“ им ги доставил сите податоци на медиумите, но дека тие не се објавени, како ни една важна изјава од директорот на агенцијата, Владимир Пејиќ.
„Она што за мене е многу интересен податок, а кој медиумите не го пренеле, е изјавата на Пејиќ дека излезноста е 63 отсто, и тоа во период кога не се распишани избори. Да беа изборите во времето на истражувањето, излезноста би била 63 отсто, што е поголема излезност отколку во претходниот период. Тоа значи дека интересот на граѓаните пораснал, а тоа покажува дека сме излегле од фазата кога ниската излезност беше сојузник на Александар Вучиќ. И некаде проценката е дека таа излезност може да достигне и до 70 отсто“, вели директорот на БИРОДИ.
Гавриловиќ наведува и дека Пејиќ за Блиц изјавил дека „секој одзив над 65 отсто не оди во прилог на власта“, но дека медиумите не ја пренеле таа изјава затоа што ѝ се наклонети.
„Моето толкување, кое го пресметав со колега статистичар, е дека СНС во моментов би добила 1.865.000 гласови – тоа е некој плафон што може да го достигне. Мислам дека 46 отсто е максимумот што СНС може да го добие. Во ова истражување немаме анализа на оние што не излегуваат, односно на оние што рекле дека сѐ уште не донеле одлука, а да ја имавме – ќе видевме дека тоа е потенцијално гласачко тело на студентската листа и на опозицијата. Ако на изборите во Србија излезат повеќе од 4.180.000 гласачи – оваа власт е завршена и затоа Александар Вучиќ веројатно ќе гледа да распише избори на 12 јули кога луѓето одат на одмор, и тоа всушност е стратегија“, смета Гавриловиќ.
„Ниската излезност овозможуваше победи на СНС“
Ниската излезност му овозможувала на СНС победа и на сите претходни избори, истакнува директорот на БИРОДИ.
„На изборите во 2008 година излезноста беше 61 отсто и тогашната Српска радикална странка не победи. Победија во 2012 кога излезноста беше 57 отсто, во 2014 кога беше 53 отсто, во 2016 кога беше 56 отсто, во 2020 кога излезноста беше 48 отсто, а во 2022 беше 55 отсто“, наведува Гавриловиќ.
СНС, поради падот на рејтингот на 46 отсто според истражувањето, во наредниот период ќе гледа што повеќе да им се обраќа на младите, вели директорот на БИРОДИ и додава дека затоа сега целата приказна е околу становите за млади и обраќањето преку социјалните мрежи.
„Тоа е една стратегија, а другата ќе биде да се предизвика апстиненција“, смета Гавриловиќ.
„Суштината на целата приказна е да се зголеми излезноста“
На прашањето дали затоа верува во летни избори, Гавриловиќ вели дека верува, но дека во моментов не знае дали „власта сака да победи на избори или да извлече што повеќе пари па да ги одложи изборите поради EXPO“.
„Ова е обид за мобилизација на гласачите на СНС, нивната кампања трае… Но мислам дека има задача да го зачува гласачкото тело и да ги задржи овие 1.865.000. И суштината на целата приказна е да се зголеми излезноста за да добиеме промена на власта“, заклучи Гавриловиќ.


