АХВ наредила само дезинфекција на „Ав-ав хепи дог“, наскоро повторно ќе работи
Поради силниот јавен и медиумски притисок откако проструи веста за можна зараза од парвовироза во хотелот „Авав хепи дог“ и сведоштвата на сопственици што своите миленици од хотелот ги добиле ослабени, изнемоштени и раскрвавени, инспекторите на АХВ на 29 декември започнаа вонреден инспекциски надзор и привремено го затворија пансионот, а на сопствениците им препорачале да си ги земат милениците и да ги тестираат за парвозироза
Откако по големиот број пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство за опасност од парвовироза во хотелот за миленици „Ав-ав хепи дог“ лоциран во скопската населба Бардовци, инспектори од Агенцијата на 29 декември привремено го затворија објектот и посочија дека тој нема да работи сѐ додека не заврши вонредниот инспекциски надзор, оттаму вчера информираа дека сопствениците на објектот само добиле задача да го дезинфицираат хотелот и ќе можат повторно да започнат со работа од 20 јануари.
Препорачано
Хотел за миленици во Бардовци можно жариште на опасниот парвовирус, едно куче умрело
– По спроведениот надзор наредено е да се спроведе генерално механичко чистење и дезинфекција на целиот објект. Пансионот ќе остане времено затворен сѐ до истек на 21 ден од затворањето, колку што изнесува период на инкубација за оваа болест. Надзорот во пансионот за домашни миленици од страна на АХВ беше спроведен исклучиво од аспект на здравствена заштита и евентуално спречување на ширење заразни болести кај животните – велат од Агенцијата за „Слободен печат“.
Оттаму повторно напоменаа дека немаат надлежност за санкционирање и регулирање на работата на пансионите и на хотелите за домашни миленичиња бидејќи АХВ не ги издава дозволите за работа, но информираа дека во финална фаза е подготовка на нова законска регулатива, која ќе го опфати и овој недостаток.
– Како што претходно информиравме, со постојните закони за здравствена заштита и за благосостојба на животните правно не е регулирана работата на пансиони и на хотели за домашни миленици односно АХВ не ги регистрира/одобрува и не издава дозволи за нивно работење. Во новата законска регулатива за здравствена заштита и благосостојба на животните која е во финална фаза на подготовка, регулирано ќе биде и ова прашање, односно пансионите за кучиња ќе треба да исполнуваат одредени услови и да бидат одобрени од Агенцијата – соопштија од АХВ.
Од Агенцијата немаа информација дали сопствениците ќе се соочат со одреден тип одговорност, парична или кривична, освен привременото затворање на пансионот додека трае надзорот.
АХВ го затвори „Ав ав хепи дог“, испитува дали во пансионот има парвовироза
Претходно, поради силниот притисок од јавноста и на „Слободен печат“ заедно со уште неколку медиуми што ја објавија веста за можна зараза од парвовироза во хотелот „Авав хепи дог“ и сведоштвата на сопственици што своите миленици од хотелот ги добиле ослабени, изнемоштени и раскрвавени, инспекторите на АХВ на 29 декември започнаа вонреден инспекциски надзор и привремено го затворија пансионот, а на сопствениците им препорачаа да си ги земат милениците и да ги тестираат за парвозироза.
– Официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес, со проверка на евиденцијата на кучињата што биле згрижени во пансионот за домашни миленици „Авав хепи дог“ во скопската населба Бардовци, продолжуваат со спроведување на вонредниот инспекциски надзор што почна во текот на вчерашниот ден.
Издадена е времена забрана за работа на пансионот, која од вчера ќе остане на сила сè додека не заврши истрагата и утврдувањето на вакциналниот и здравствениот статус на кучињата, со цел отфрлање или потврдување евентуално присуство на болеста парвовироза меѓу животните во пансионот.
На сопствениците на 15 домашни миленици што се моментално таму згрижени и кои не покажуваат никакви знаци на болеста, препорачано им е да си ги земат дома кучињата, да ги изолираат и лабораториски да ги тестираат на присуство на вирусот – информираа тогаш од АХВ.
За жал, можеби еден од најважните фактори поради кои веста за можна парвовироза во хотелот за миленици во Бардовци допре до „увото“ на јавноста и институциите беа и храбрите сопствениците на кучето Мајло, кои јавно проговорија за лошото искуство со пансионот и заболувањето на својот миленик, кој веднаш штом бил вратен дома од десетдневниот престој во „Авав хепи дог“, започнал интензивно да крвави и да повраќа и по два дена, за жал, починал.

Ана Пејковска и нејзиниот сопруг, сопствениците на кучето Мајло, за „Слободен печат“ ја раскажаа трогателната приказна за нивниот миленик, кој веќе не е дел од нивното семејство бидејќи ја загубил битката со парвовирусот, кој според нив бил откриен во многу доцна фаза, кога веќе кученцето било ослабено и крвавело.
Тие тогаш информираа дека на 15 декември Мајло здрав и витален бил оставен на десетдневен престој во хотелот „Ав ав“, но кога го добиле назад, тој бил видно ослабен и без препознатливата енергија, односно не можел сам да се движи и веднаш почнал да повраќа, по што уште вечерта го однеле на биохемиски анализи и забележале дека крвави. Потоа го однеле на дежурен ветеринар во Автокоманда каде што било откриено дека има вирусна инфекција односно парвовирус и дека е во критична фаза.
– Кога дознавме дека има парвовирус, ние веднаш ги контактиравме „Ав, ав“ и ги прашавме зошто воопшто не нè информирале дека кучето покажува симптоми на вирусна инфекција. Ни кажаа дека во четвртокот бил повикан ветеринар да го прегледа кучето, но газдите веројатно го игнорирале проблемот – вели Ана.
Можеби малку посветла приказна имаше и Александар, кој неколкупати го оставал својот миленик Боби во „Авав хепи дог“, но последниот пат кога го земал кучето, направил тест што покажал зараза со парво. Тогаш, за среќа, вирусот бил откриен во рана фаза.
Сепак, сопственикот информираше дека односот на вработените во хотелот откако им соопштил дека неговото куче е заразено, бил едноставно чуден.
Тој им соопштил дека кучето е заразено и ги замолил јавно да информираат за ситуацијата и да ги известат другите сопственици, но иако добил одговор дека така ќе постапат, тоа не се случило.
Колку е сериозен и високозаразен вирусот, покажува и коментарот на Горан Ѓорѓиоски, ветеринар во „Лајка“, кој вели дека парвовирусот е актуелен и зачестен токму во зимскиот период.
– Парвовирусот е актуелен во зимскиот период и се јавува на пониска температура. Тој претежно се појавува кај помладата популација, односно кај кучиња до една година старост, но поради мутациите тие граници не се конкретни и се менуваат – вели Ѓорѓиоски.
Според него, парвовирусот освен тоа што е премногу заразен, тој е и издржлив и може да „преживее“ на многу ниски температури и да остане „закачен“ во леглата на милениците, по железните огради, како и по чиниите од каде што се хранат животните и објасни дека главниот симптом на вирусот е крвав задник и дијареја со светлокафена боја, потоа дехидрираност, стрес, повраќање и нејадење храна.
Можеби токму овој случај ќе го „запали“ алармот кај институциите, особено кај АХВ за побрзо да ја подготви законската регулатива за здравствена заштита и благосостојба на животните со која ќе се регулира токму работењето на пансионите и на хотелите за миленици. Овој тип регулација директно ќе влијае и врз здравјето на милениците и условите во кои се чуваат, со надеж дека овој трагичен случај со агресивната зараза од парвовироза што зафати неколку миленици, никогаш нема да се повтори.


