Агенцијата за национална безбедност има нов директор – Зарко Милошевски

УБК / ФОТО: архива

Владата соопшти дека на денешната седница го назначила Зарко Милошевски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тој ќе го замени Виктор Димовски, досегашниот прв човек на државната агенција и наследничка на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК). Димовски заминува на нова должност – амбасадор во Франција.

Милошевски на позицијата директор доаѓа од позиција на помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во Агенцијата за национална безбедност, каде има и претходно повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на Одделот, но и во организирање и раководење со ресурсите на организационата единица за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот.

– Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот, наведува прес-службата на Владата.

Милошевски, додаваат, своето професионално доусовршување го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот