Аеродромци ќе почнат да селектираат за нула отпад во општината

Стаклен отпад
Фото: Фејсбук

Граѓаните што ќе бидат вклучени во овој проект, ќе добијат канти за селекција на отпадот, а по селекцијата, тие ќе го носат отпадот до посебни вендинг-машини, кои ќе бидат поставени на неколку локации во општината, од каде што потоа се планира да бидат транспортирани до крајни дестинации за отпад и негова понатамошна преработка.

Рециклирањето стакло, пластика и хартија е многу важен процес, од кој зависи чистoтата на јавните површини, на водата и на почвата. Иако просецот на селектирање на различните видови отпад од година во година зема сѐ поголем замав кај граѓаните, но и од кај институциите, сепак, ние како земја сме многу далеку од европските стандарди за селекција на отпад. Покрај јавните претпријатија и организациите што прават многу обиди да се зголеми свеста кај скопјани за потребата од селекција на отпад, во овој процес се вклучува и Општина Аеродром, за што е потпишан договор со Европската Унија, проект вреден повеќе од 800.000 евра во делот на селекција на отпад.

-Станува збор за проект што е планирано да почне со реализација на почетокот на 2022 година и ќе опфати неколку илјади домаќинства на територијата на општината. Граѓаните што ќе бидат вклучени во овој проект, ќе добијат канти за селекција на отпадот. По селекцијата, тие ќе го носат отпадот до посебни вендинг-машини, кои ќе бидат поставени на неколку локации во општината, од каде што потоа се планира да бидат транспортирани до крајни дестинации за отпад и негова понатамошна преработка – ја објаснуваат постапката за реализација на овој проект од Општина Аеродром.

Според нив, главната цел на овој проект е да се зголеми свеста на граѓаните за селектирање на отпадот. Со тоа во голема мера ќе се влијае врз зачувување на здравата животна средина, што е како што велат, еден од главните приоритети на Општина Аеродром.

Проблемот со малата селекција на отпадот од домаќинствата е реален проблем на територија на градот Скопје. Сепак, според податоците од „Пакомак“ околу 50-60 отсто скопјани ги знаат правилата кој отпад во кој контејнер се фрла. Овие проценти пред 10 години биле скромни, односно биле некаде околу 10 отсто и според нив бројките растат од година во година.

-Ќе селектираат доволно ако им се створат услови за тоа односно ако се постават доволен број садови за селекција. Садовите за селекција најчесто ги уништуваат неформалните собирачи што живеат од пластиката што ја собираат од нив. Исто така, покрај „Пакомак“ садови треба да поставуваат и самите општини – велат од „Пакомак“.

Од ЈП „Комунална хигиена“ исто така сметаат дека свесноста кај населението за почиста животна средина се менува на подобро, иако има и исклучоци каде што на граѓаните полесно им е да го фрлаат целото создадено ѓубре наеднаш, наместо да го поделат соодветно, а потоа и соодветно да го одложат во садовите за смет поставени на најразлични локации во градот токму за таа намена.

Во Центар и отпадот има вредност!

Општина Центар е задоволна од одѕивот на граѓаните за рециклирање откако на нејзината територија се поставени повратните вендинг-машини, преку кои на центарци им за секое пластично шише или лименка им се исплаќаат пари на нивната картичка „Грин пеј“.

Според податоците на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, за една година се рециклирани повеќе од 300.000 пластични шишиња и лименки, издадени се над 3.000 картички „Грин пеј“ и исплатени се повеќе од 300.000 денари субвенции од Општина Центар за сите граѓани што се вклучиле во процесот на рециклирање.

Видео на денот