Аеродром се приклучува кон кампањата за замена на системот за греење со еколошки алтернативи

Плакат за кампањата „Одбележување на 100% одржлив систем за греење“

Во обид да се намали загадувањето на амбиенталниот воздух и да се поттикнат жителите да користат еколошки системи за греење, Општина Аеродром се приклучува кон кампањата за замена на системот за греење со еколошки алтернативи.

Имено, еколошкиот начин на греење е исклучително важен за овој дел од Скопје бидејќи со години наназад, Лисиче но и целата територија на Општина Аеродром важат за едни од најзагадените места кога станува збор за квалитетот на амбиенталниот воздух. За време на грејната сезона кога локалното население особено во населба Лисиче и во Горно Лисиче се грее на дрва, нивото на штетни ПМ10 честички во воздухот знае да порасне и за пет или шест пати повеќе од дозволениот просек.

Токму за да се реши овој повеќедецениски проблем и на некој начин да се издвојат граѓаните кои еколошки се освестиле и повеќе не загадуваат од оваа скопска општина информираат дека се вклучиле во Кампањата „Одбележување на 100% одржлив систем за греење“.

Имено, Општина Аеродром ги повикуваат граѓаните, заедниците на сопственици и управители на згради да станат дел од кампањата за употреба наодржливи системи за греење.

-Кампањата „Одбележување на 100% одржлив систем за греење“ има цел да ги мапира објектите што веќе имаат инсталиран систем за греење на обновливи извори на енергија и да бидат добар пример и поттик повеќе корисници да се насочат кон одржливо греење. На сопствениците на ваквите системи ќе им биде доделен зелен сертификат во облик на стикер како признание за користење одржливи технологии за греење и ладење од обновливи извори на енергии – информираат од Одделението за односи со јавност на Општина Аеродром.

Инаку, кампањата се организира во рамките на проектот REPLACE финансиран од програмата за истражување и иновации на Европската Унија „Хоризонт 2020“. Проектот е насочен кон сите што се вклучени во секторот греење и ладење: крајни потрошувачи, посредници, енергетски контролори како и инвеститори и сопственици на згради, со цел да се мотивираат да ги заменат старите и неефикасни системи за греење и ладење со еколошки алтернативи.

-За приклучување кон оваа иницијатива е потребна регистрација на следниов линк: https://forms.gle/esHcK4RVVyirZLvR9– објаснуваат од општината.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот