Аеродром ќе ја зајакнува хигиената на јавните површини, ќе се мијат и улиците
Општина Аеродром прави реорганизација во одржувањето на хигиената на јавните површини и воведува нов распоред за одржување на реоните, со искористување на целата механизација со која располага општината. Оттаму информираат дека општинското Јавно претпријатие за комунални дејности ваков начин на одржување на хигиената ќе применува на целата територија на општината, при што е вклучено и миење на улиците и на јавните површини.
Препорачано
В. д. градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, претседателот на Советот, Антонио Петковски и директорот на Јавното претпријатие, Благоја Ѓорѓиевски денеска ги посетија екипите што почнаа со работа во населбата Ново Лисиче. Таму се косат тревните површини, се метат и се чистат плочниците меѓу зградите, а се кастрат и исушените и надвиснатите гранки на дрвјата. Исто така, отсега ќе се воведе и миење на површините за што е активирана посебна механизација за таа намена.
Од Аеродром ветуваат дека ваквиот начин на чистење се воведува како редовна практика, со што се очекува во наредниот период значително да се подигне нивото на хигиена на јавните површини во општината.


