Адвокатот Страшевски јавно прашува: Дали реално нема гориво или ова е координирана манипулација и пљачка на народот?
Адвокатот Јовица Страшевски преку социјалните мрежи ја коментираше ситуацијата со наглото поскапување на горивата и редиците кои се создадоа пред бензинските пумпи, голем дел од кои попладнето и вечерва воопшто не точеа дизел.
Препорачано
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска објави драстично поскапување на дизелот од над 20 проценти, за 14,5 денари по литар. Бензините поскапуваат по пет денари по литар, откако цената на нафтата нагло порасна на 110 долари за барел поради американско-израелскиот напад врз Иран и кризата на Блискиот Исток. РКЕ во исто време објави и дека го сменила правилникот по кој работи, па сега ќе ја менува цената еднаш неделно, што значи дека денес објавените високи цени ќе останат во сила цела недела, иако нафтата уште вечерва по европско време падна под 90 долари за барел.
Адвокатот Страшевски во објава на социјалните мрежи вели дека граѓаните со право бараат одговори од Владата за актуелната нафтена криза.
„Како е можно речиси сите бензински станици во исто време да останат без гориво? Дали станува збор за реален недостиг или за координирана манипулација на пазарот?И масовна пљачка на народот??!!! Бараме итно Владата да испрати инспекциски служби и да изврши контрола кај сите нафтени компании. Недозволиво е денес да нема гориво, а од утре истото да се појави по повисоки цени. Тоа создава сериозен сомнеж дека станува збор за класична пљачка врз грбот на граѓаните.
ПРАШАЊЕ:Со амин или без амин на Владата???
Граѓаните не смеат да бидат жртви на договори и профитерство. Очекуваме итна реакција, транспарентност и одговорност од институциите“, пишува Страшевски во објавата.


