Судење за пожарот во Кочани / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Адвокатката на газда Деко побара судот да ја исклучи јавноста

Адвокатката на сопственикот на дивата дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко побара од Судот да ја исклучи јавноста, односно родителите на загинатите и побара да ги внесе во записник зборовите што му беа упатени на Деко на минатото рочиште како директни закани кон Јованов.

Овој предлог на адвокатката Ивана Коцевска следува откако на минатите рочишта бараше да биде пуштен од затворски притвор поради влошена здравствена состојба, кога родителите реагираа бурно и извикаа: „Пуштете го, ние ќе му пресудиме“.

Коцевска пред почетокот на денешното рочиште реагираше и на, како што рече, „селективноста на мерките за обезбедување присуство, како и селективноста на прогон“ на Обвинителството, кое, како што рече, по службена должност требало да поведе постапка по изнесените закани за животот.

– Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста со оглед дека судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите – рече Коцевска.

Судијката Диана Груевска-Илиевска нагласи дека досега ниедна закана не е нотирана во записник, без разлика од која страна е.

– Првин ќе се опоменува, потоа ќе се исклучува и казнува. Се знае кога се исклучува јавноста, а тие во овој период не се јавност, туку оштетени во постапката. Ако има потреба, може индивидуално да се исклучува – изјави судијката.

Обвинителството реагира на предлогот посочувајќи дека се знае кога и во кои околности се исклучува јавноста.

– Пределот е целосно неоснован, како незаконит. Исклучувањето на јавноста не се однесува на странките и на оштетените.

Во однос на гонењето по службена должност, обвинителката рече дека веројатно станува збор за забуна и треба да се имаат предвид интензитетот на заканите и реалната можност за остварување.

– Во конкретниот случај беше правилно постапено од судот и беше изречена усна опомена – изјави обвинителката.

Судот соопшти дека се одбиваат како неосновани барањата за укинување на мерките за обезбедување на обвинетите Беким Хаџиу и Тодор Јованов.

Денешната расправа продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените, кои се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот, во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Една третина од преживеаните и повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско растројство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот