62. „Охридско лето“: Доминантна карактеристика на фестивалот ќе биде квалитетот

Подиумот на млади уметници, што од 9 до 11 јули се одржува во црквата „Света Софија“, е предвесник на 40-дневна исклучително богата, квалитетна и разновидна програма на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. Врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно поглавје во долгата историја на „Охридско лето“, а традиционално фестивалот свечено ќе биде отворен на 12 јули во Античкиот театар во Охрид

Свеченото отворање веќе е најавено и ќе биде во знакот на четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариjа Палмиjа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет.

– Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера и Балет, и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје. На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, десет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата „Света Софија“, како и самата Црква „Света Софија“, и во Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји – најави Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот „Охридско лето“.

Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот „Охридско лето“

Веќе четири години раководите со најголемиот и најзначаен фестивал во државата. Кои се најбитните искуства со кои се стекнавте како директорка на „Охридско лето“?

– Да се води една ваква национална установа, којашто има светско реноме, е огромна привилегија, чест, но и голема среќа. Веќе четири години се будам и легнувам со планови и визии што може да се направи за да се зачува епитетот „најдобар фестивал“, но и да се внесат новини што притоа ќе се вклопат во традицијата и истовремено ќе бидат нешто ново и вредно за публиката.

Во „Охридско лето“ дојдов од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде што доминираше педагошката компонента. Овде веќе доаѓаат до израз менаџерските способности, да се создаде фестивалско издание кое ќе биде поуспешно од претходното и да се завршат беспрекорно сите подготовки за него. Изминатите четири години, на директорската фотелја стекнав многу нови искуства кои, секако, и се од огромно значење за мене како личност.

Оваа година на селекцијата на програмата работат млади и талентирани диригентка и актерка. Како се случи кадровската промена и што програмата и фестивалот добија со нивниот младешки ентузијазам и инвентивност?

– Токму така, станува збор за две млади и исклучително талентирани уметници, диригентката Бисера Чадловска и актерката Сања Арсовска, кои иако се млади, со својот ентузијазам, професионалност и иновативност носат квалитетна програма со уметници од висок ранг. Нив ги назначи Министерството за култура, а судејќи според програмата што ќе ја имаме годинава, повеќе од сигурна сум дека ќе ја оправдаат дадената доверба.

Програмата на фестивалот трае 40 дена, но кои се клучните пунктови на „Охридско лето“ во организациски аспект?

– Секој настан во текот на 40-те фестивалски денови и вечери бара посебна организација. Се одржуваат на повеќе сцени, но главно, концертите на класична музика се организираат под акустичните сводови на црквата „Света Софија“ или во предворјето на оваа катедрала. Театарските претстави се играат на различни локации, како на пример, на сцената „Долни Сарај“, во Центарот за култура „Григор Прличев“ доколку претставата бара затворен простор, потоа на Античкиот театар, но и на други сцени во зависност од потребите на театарската игра.

Организацијата е многу важна, почнувајќи од самото договарање на уметниците, до нивниот престој и настап, нивните таканаречени „уметнички потреби“ за беспрекорен концерт или театарска претстава, нивното пристигнување, пречек… А за да се донесат тие, потребно е сѐ друго да биде беспрекорно средено, како на пример, сцените кои се санираат секоја година. Навидум се чини дека „Охридско лето“ има работа само 40 дена во годината, но ние преку целата година работиме за успешна реализација на тие 40 дена.

Бисера Чадловска, селекторка на музичката програма

Музичката програма е исклучително значајна за фестивалот, бидејќи е најголема по својот обем и по опфатот на фестивалските денови, а и историјата на „Охридско лето“ почнува со концерт на нашата истакната, сега покојна, вокална уметница Ана Липша-Тофовиќ во далечната 1961 година. Долгата традиција создава креативен предизвик, чест и одговорност да се одржи квалитетот и да се даде свој придонес во продолжувањето на истата.

Имајќи го предвид значењето на фестивалот, селекторската функција ја прифативте со голема возбуда и почит. Со какви идеи и емоции ја формиравте музичката програма на фестивалот?

– Одговорноста и честа да се биде селектор на „Охридско лето“ за мене е огромна. Уште од дете бев дел од публиката на голем број настани и тогаш ми изгледаше недостижно учеството на фестивалот. Со текот на годините, станав дел од учесниците што дале свој придонес во музичката програма на „Охридско лето“ и за мене тоа беше еден остварен сон.

Со формирањето на програмата за следната година, би сакала да се потрудам да внесам разноликост од жанрови и музички идеи на фестивалот. Ќе се обидам колку е можно да излеземе од рамките на премногу „класичното“ третирање на фестивалските вечери. Мислам дека би требале да понудиме програма за сите возрасти и различни вкусови на публиката.

Како лично ја чувствувате разликата помеѓу можноста да се учествува и можноста да се селектираат уметници и изведувачи што ќе учествуваат на фестивалот?

– Да бидам искрена, ќе ми недостасуваат настапите на фестивалот додека сум негов музички селектор. Во прекрасно сеќавање ми е минатогодишното отворање, каде настапив заедно со моите колеги од Националната опера и балет. Тоа беше еден навистина магичен концерт за паметење. Но, исто така е предизвик да се селектираат музичарите што би настапиле на фестивалот. Фактот што и самата сум изведувач, посебно тоа што сум диригент, мислам дека многу ќе ми помогне во селекцијата на квалитетни проекти.

Кои беа Вашите репери при изборот на уметниците и делата што ќе бидат изведени?

– Секако дека на прво место е квалитетот на изведувачите и разноликоста на програмата. Таа мора да е интересна за слушателите, а изведувачите мора да се на високо ниво и да понудат програма која би била соодветна на квалитетот на фестивалот. За ваков вид фестивал, секогаш е добро и да се донесат познати светски имиња. Токму тоа ми е во план и за наредното издание, за кое веќе сум во процес на формирање на програма.

Сања Арсовска, селекторка на драмската програма

Драмската програма на годинашното „Охридско лето“ ќе ја предводат њујоршката „Ла Мама“ со копродуциската „Балкан Бордело“, белградските претстави „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и шест исклучителни домашни претстави. Иако првпат се соочува со селекторска функција на фестивалот, актерката Сања Арсовска, на задачата ѝ пристапи со рационално чувство и професионален инстинкт.

Со каков предизвик ја прифативте селекторската функција на фестивалот?

– Како најзначаен фестивал од хибриден тип, „Охридско лето“ отсекогаш ми предизвикувал силни импресии, особено во однос на театарската програма. Кога ја добив селекторската понуда, се двоумев дали да ја прифатам зашто од една страна, не сакам површност, а од друга страна, не сум имала никакво претходно селекторско искуство и искрено се плашев зашто на што и да се нафатам во животот, сакам да биде сработено темелно, професионално и до крај. Мислев дека недостатокот на искуство ќе биде слабост.

Но, создавајќи ја театарската приказна за овогодишното издание, сфатив дека немањето искуство е, всушност, силен адут во секоја амбиција, зашто тоа те прави попретпазлива, бескомпромисна во селекцијата и истрајна во необични театарски авантури, преговарајќи со големи театарски имиња и продукции.

Колку актерското искуство ви помогна во селекцијата на претставите што во овој период се најзначајни и најсоодветни за учество на фестивалот?

– Не актерското искуство, туку пристапот кон работата и професионалната хигиена која ја негувам. Ако актерот е заинтересиран во тргување на услуги, а не со уметнички вредности, тоа е лошо поставена равенка, без резултат. Кога актерот се води од исклучиво уметнички амбиции, тогаш може да создаде наратив, може да обликува и тоа да има значење.

Професијата ми помага исклучиво заради театарска писменост. Селекцијата бара многу повеќе, бара претприемачки дух, бара менаџерски способности, бара да се најде продуктот, да се насети приликата, да се препознае квалитетот кој вреди да биде испорачан на публиката. Зашто можеби кај нас уредувањето на театарот е социјалистички конципиран, но надвор, театарот е бизнис, немилосрден бизнис. И кога ќе се совпаднат сите компоненти за да се договори само едно гостување на претстава, па кога на тоа ќе се додадат и другите претстави, па од сите нив да се смисли наратив за да се даде облик на театарската програма, сфаќаш дека најмалку е важно дали со селекторство се занимава актер, режисер или продуцент.

Што ќе биде доминантна карактеристика на драмската програма на 62-то издание на фестивалот?

– Овогодишната програма ја нареков театарска тангента, или во превод допирка. Терминот е можеби математички, но, суштината е филозофска. Ако животот е тркало и е во постојано движење, тој во одредена точка се допира со нешто што му предизвикува некакво чувство, радост, тага, болка, емпатија. Решив оваа година театарот идејно да биде свртен внатре кон човекот, кон сите негови демони, предрасуди, преобразби, дилеми и без разлика на жанрот на претставата, таа во себе да го носи проблемот на човекот, на неговото бреме.

Главна доминантна карактеристика ќе биде квалитетот. Годинава ќе доминираат и претстави на жени режисерки, ќе доминираат исклучителни актерски креации. Публиката ќе има можност да погледне шест домашни и четири странски претстави со современ сценски јазик, претстави што нудат ново и модерно читање на старите добри класици, кои и откако ќе завршат, откако ќе се изгасне светлото на сцена, ќе продолжат да дишат некаде длабоко во гледачот, предизвикувајќи му сладок или горчлив немир.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 136, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот