14.500 средношколци на државна матура: денеска се полага странски јазик, математика или историја
Повеќе од 14 500 матуранти се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите.
Препорачано
Задолжителниот екстерен испит (мајчин јазик и литература) матурантите ќе го полагаат на 11 односно на 12 јуни. Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година првпат се полагаат три типа матурски испит според видот на образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Тие што ќе полагаат државна матура, денеска ќе бидат тестирани по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика, за пријавените за стручна матура изборот е англиски јазик или математика, а кандидатите за уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.
Гимназијалците полагаат само државна матура и се пријавени 5713 кандидати. Државна матура, исто така, може да полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираат помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура. Па така, според податоците на ДИЦ, од 8629 кандиудати за матура од средните стручни училишта – 6353 се пријавени за државна матура, а 2276 за државна стручна матура. Од 245 кандидати од уметничките училишта, пак, 118 се пријавени за државна матура и 127 за уметничка државна матура.


