Зошто не успеа Суперлигата: Ние во Европа израснавме поинаку од Американците
Културолошките разлики не дозволија да заживее Суперлигата, смета Карло Анчелоти.
Менаџерот на Евертон, Карло Анчелоти, смета дека големите културолошки разлики се една од главните причини зошто европската Суперлига по само 48 часа од нејзиното формирање беше згасната.
– Мојата реакција на Суперлигата беше дека мора да се шегуваат, дека ова е некоја шега. Спортската култура во Европа се разликува од американскиот спорт. Не затоа што ние сме во право, а тие не, туку затоа што културата на луѓето е поинаква, во САД спортот е поинаков. Кај нив спортот е забава. Во Европа живееме со далеку поголема страст за спортот, кога ќе израснеме сакаме да ги победиме нашите соседи. Ние израснавме поинаку. Фудбалот сека е дел од работата, бизнисот, но фудбалот прво е спорт. Потоа со големо вложување станува и работа. Мора да се земат в предвид и едното и другото – смета Анчелоти.
Суперлигата не заживеа бидејќи шесте англиски екипи кои беа дел од основачите, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Арсенал, Ливерпул, Челси и Тотенхем, се откажаа поради големите притисоци од навивачите, мдиумите но и британската влада.
Анчелоти исто така истакна дека Евертон никогаш не би прифатил да биде дел од Суперлигата доколку не се консултира со навивачите.
– Најважниот дел е тој што сакаа да создадат натпреварување без спортски заслуги. Тоа е неприфатливо, погрешија и точка. Сега се вратија и ќе се отвори нова дискусија. Секој од нас сака Лигата на шампионите да биде поконкурентна, тоа е најдоброто натпреварување на светот. Исто така мора да разговараме и за Премиер лигата, за Серија А. Мислам дека европската Суперлига каква ја преложија екипите е невозможна, но новиот формат на ЛШ е возможен. Во последните неколку месеци слушавме за Суперлигата, но бев сигурен дека тоа нема да се случи. Овие 12 екипи згрешија, не го зедоа во предвид мислењето на фудбалерите, менаџерите или навивачите. Но, јас не сум личност која може да суди на некого, секој може да направи грешка и немам право да зборувам дали треба да бидат казнети за тоа што го сторија – додава Анчелоти.