ЗНМ: Полиција или цензори – скандалозно избришан видео запис на ТВ21!

скопје блокирано протест приватни автобуси превозници (7)
Фото: Слободен печат - Драган Митрески

На денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат. Според сведочењето на колешката Фазиле Халили од тв21 таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена, информира ЗНМ.

-Во тој момент еден од полицајците во униформа и пришол и и рекол дека не смее да прави видео запис. Со заканувачки тон и рекол веднаш да ја избрише снимката. “Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено, реагира ЗНМ.

Здружението потсетува дека вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.

-Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност. Протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила, нагласуваат од ЗНМ.

Инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и ЗНМ очекува полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за да во иднина не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот