Живеалиштата на животните интензивно се подготвуваат за претстојниот зимски период

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Живеалиштата на животните во Зоолошката градина во Скопје интензивно се подготвуваат за претстојниот зимски период, сѐ со цел обезбедување соодветни услови за живот.

Како што информираат од ЗОО Скопје, на почетокот на месецот започнале со реновирање на внатрешните живеалишта и со подготовка за зимскиот период.

 – Прв што ќе добие нов реновиран простор е нилскиот коњ Буцо. Пред две и пол години целосно беше променето парното греење, беше поставено греење и во внатрешниот базен, а сега работиме на санација на покривот.  Продолжуваме со разубавување на Зоолошката градина и подобрување на условите за сите животни – информираат од Скопската зоолошка градина.

Оттаму потсетуваат и дека екипи на терен веќе со години наназад постојано работат на реновирање на живеалиштата и околу изградбата на нови живеалишта, сѐ со цел подобрување на условите за живот на животните во градината.

– Само во изминатите четири години имаме по светски стандарди живеалишта за слонови, за шимпанза, за пингвини и фламинга, Бејби ЗОО, Дино парк и уште многу нови содржини како Авантура парк, игралишта, игротека. ЗОО Скопје постојано се развива и секојдневно има новитети – велат од ЗОО Скопје.

Инаку, една од најголемите атракции во моментов за посетителите на Зоолошката градина е Пингвинариумот, во кој живеат девет пингвини што се од видот хамболт и живеат во топлите краишта на Чиле, Аргентина и Еквадор. Три пингвините во Скопје ЗОО пристигнаа од Италија и шест од Русија. Најмладиот пингвин е роден во 2020, а највозрасните два во 2014 година.

Кога станува збор за посетеноста на Зоолошката градина, таа од година во година расте, благодарение на низата новини што се воведени за поинтересен и поисполнет престој кај животните. Како пример за тоа е отворениот Бејби ЗОО парк каде што дечињата имаат можност одблиску да се дружат со мали животни, но за да биде уште поинтересно, имаат можност и да им дадат храна.

Кога станува збор за посетата на Дино паркот, од Зоолошката градина информираат дека огромен интерес сѐ уште постои, иако сега турканиците се намалени и не се зачестена појава како што тоа беше случај со првите неколку денови откако се отвори оваа нова атракција за скопјани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот