Жестоки судири меѓу иранските и американските сили во Ормускиот Теснец — кој го прекршува примирјето?
Американската армија и иранските вооружени сили разменија силен оган доцна синоќа по локално време во областа на Ормускиот Теснец, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Според соопштението на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), инцидентот започнал кога американските разорувачи минувале низ меѓународниот воден пат низ Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив. Иранските сили лансирале повеќе ракети, дронови и мали пловила кон американските бродови, но ниту една американска цел не била погодена.
Америка и Иран разгледуваат привремен договор за мир – Слободен печат
Како одговор, американската војска ги неутрализирала заканите и извршила напади врз иранските воени објекти, вклучувајќи места за лансирање ракети и дронови, командни центри и разузнавачки системи. Американските претставници потврдија дека целните локации се во областа на Бандар Абас и островот Кешм, нагласувајќи дека станува збор за одбранбени мерки.
„Соединетите Американски Држави не бараат ескалација на конфликтот, но остануваат подготвени да ги заштитат своите сили“, се наведува во соопштението на Централната команда на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја суспендираше операцијата „Проект слобода“ во вторник вечерта, главно поради резервите од Саудиска Арабија и другите сојузници од Заливот.
Иран ги обвинува САД дека го прекршиле примирјето
Иранската страна тврди дека САД го прекршиле прекинот на огнот и прво нападнале ирански танкер за нафта и друг брод. Според агенцијата Тасним, иранската морнарица ги таргетирала трите американски разорувачи и им нанела значителна штета, принудувајќи ги да се повлечат од областа.
Во текот на ноќта, во западниот дел на Техеран биле активирани противвоздушни одбранбени системи, а моќни експлозии одекнувале над островот Кешм и градот Бандар Абас, јавуваат агенциите. Иранската воздушна одбрана пресретнала и соборила неколку непријателски беспилотни летала во областа, објави новинската агенција Мизан.
Трамп смета дека примирјето сè уште е на сила
Трамп повторно го повика Иран брзо да потпише мировен договор. Во спротивно, американската војска во иднина ќе им нанесува многу потешки и посилни удари, напиша тој на својата платформа Трут Соушл. Иран е „воден од лудаци, и доколку имаа можност да употребат нуклеарно оружје, без сомнение би го сториле тоа — но таа можност никогаш нема да ја добијат“.
Еј-би-си њуз објави дека Трамп во телефонско интервју рекол дека „примирјето функционира, важи“. Нападите врз Иран ги спореди со „мала, разиграна шлаканица“. Подоцна пред новинарите изјави дека ќе биде очигледно кога примирјето повеќе нема да важи — тогаш од Иран би се издигал голем чад, алудирајќи на масовно бомбардирање, кое повеќепати го има најавено.
Израел од петни жили сака да спречи мир меѓу Америка и Иран – Слободен печат
Двете страни презентираат спротивставени верзии за настаните, а тензијата во Ормускиот Теснец останува висока.


