Жена со панкреатитис лежи на Инфективно: Петпати е позитивна на ковид, а може да почине ако не ја оперираат?!

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Тестирањето за ковид-19 во болниците за пациенти со сериозни коморбидитети треба под итно да запре, зашто ќе изумрат луѓето од други болести, реагира доктор Лидија Чолакова-Дервишова.

Ги губиме пациентите во болнички ходници, препраќани од едно во друго одделение и нетретирани за нивните сериозни здравствени состојби, само затоа што имаат и ковид позитивен ПЦР-тест, реагира претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лидија Чолакова-Дервишова. Таа во изјава за „Слободен печат“ вели дека нејзина пациентка петти пат во рок од месец и половина добива позитивен резултат на ПЦР-тестот, што ја спречува да добие лекарски третман во болница за нејзината примарна и животозагрозувачка состојба на панкреатитис.

– Можеби има тумор на панкреасот, но петти пат е позитивна и поради тоа наместо на операција, лежеше на Инфективното одделение. Таа пациентка, само затоа што има позитивен ПЦР-тест, не значи дека е за на Инфективно одделение. Ги губиме пациентите на ваков начин по лавиринтите во болниците. Не може да не се прегледува, да не се оперира само затоа што е ковид позитивна – реагира Чолакова-Дервишова.

Според неа, приоритетен за третман е панкреатитисот, а тестирањето за ковид во болниците за пациенти со сериозни коморбидитети треба под итно да запре, зашто ќе изумрат луѓето од други болести.

Матичните примаат без тест

– Пациентката е подуена во стомакот, пет недели ја тестираат наместо да се интервенира хируршки. Тие пациенти матичните лекари ги примаат без никаков тест, така треба да биде и во клиниките за итни случаи – вели Чолакова-Дервишова.

Според неа, негрижа е кога човек со панкреатитис ќе дојде во болница, најнапред да се испитува дали има ковид наместо да се третира панкреатитисот како приоритетен.

– Пациентката слабее, не е за на Инфективно одделение, па го посоветував семејството да ја извади од болница и да потпише дека ќе ја носат на друго место самостојно, во приватна болница или каде што ќе најдат место – вели матичната лекарка.

Директорот на охридската болница, хирургот уролог доктор Горан Балевски, вели дека оперирал и позитивни пациенти на ковид-19 доколку дијагнозата е итна и неодложна. Но, и тој се согласува дека има колеги што не оперираат, па целата нивна работа паѓа на товар на други лекари што се решаваат да оперираат.

– За тој доктор што оперира, ковидот е пекол, а за тој доктор што решава да не оперира, ковидот е рај, зашто ќе го остави пациентот додека да стане негативен. Јас така не постапувам. Сум оперирал и позитивни ако не може да се одложат интервенциите. Малигните болести обично се одложуваат и по три-четири недели, но ако пациентот крвави, никој не треба да гледа дали е позитивен или не. Задолжително му правиме брз антигенски тест пред операција. Има итни дијагнози од прв ред, како крвавења, повреди, трауми, руптури, сообраќајки и нема време за чекање. И кај нас во Охрид оперираме ковид позитивни пациенти ако не може да се чека – вели д-р Балевски.

Има операции што не може да чекаат

Според него, има многу операции што не може да се одложат.

– Зарем две години да одложуваме карцином? Ако тоа го правиме, ќе имаме уште толку карциноми – вели доктор Балевски.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, доктор Кристијан Костов, вели дека во оваа болница се вршат операции и на позитивни и на негативни пациенти на ковид-19.

– Имаме посебна операциона сала за ковид позитивни пациенти, покрај вообичаениот оперативен блок, така што хируршките интервенции се одвиваат непречено – вели доктор Костов.

Сепак, минатата недела „Слободен печат“ пишуваше за случајот на 89-годишна жена, која со гангрена на ногата била пратена дома и не била оперирана зашто ПЦР-тестот ѝ бил позитивен. Таа 10 дена чекаше дома да се негативизира, за потоа да биде упатена во Клиничкиот центар во Скопје откако гангрената се влошила.

Минатите недели во повеќе скопски болници и поради заразен персонал, и поради тоа што пациентите биле позитивни на ковид, операциите биле одложени за една недела, дознаваме од разговор со лекари. Меѓутоа, по нормализирањето на капацитетот на медицинскиот персонал и стивнувањето на состојбата, хируршките интервенции биле спроведени.

Хирурзите со кои контактиравме велат дека има пациенти позитивни на ковид што не можат да примат анестезија поради наод на белите дробови.

– На пример, ако има скршеница, светските искуства велат подобро да се причека зашто не се знае како анестезијата ќе делува на ковидот – вели хирург во скопска болница, која истовремено е и ковид-центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот