Зеленски разговараше со луѓето на Трамп: Се појавија нови идеи за крај на војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и со зетот на Трамп, Џеред Кушнер, за тоа како да се стави крај на војната со Русија, објави „Ројтерс“.
Препорачано
„Тоа беше навистина добар разговор, дискутиравме за многу детали. Постојат некои нови идеи за тоа како да се приближиме до вистинскиот мир, а тоа се однесува на форматот, состаноците и временската рамка“, објави Зеленски на Телеграм.
Преговарачите на Трамп работат на мировен план
Трамп се залага за договор за завршување на речиси четиригодишната војна, а последниве недели мировните напори што ги предводат Виткоф и Кушнер постепено напредуваат.
Претходно оваа недела, Зеленски го претстави нацрт-мировниот план од 20 точки, кој го опиша како главна рамка за завршување на војната.
Нацртот претставува намалена верзија на изворниот план од 28 точки за кој САД претходно разговарале со руската страна, а за кој се сметаше дека во голема мера ѝ одговара на Москва, бидејќи бараше Киев да отстапи територии и да ја ограничи големината на својата армија.
Клучните територијални прашања остануваат нерешени во новиот нацрт од 20 точки, рече Зеленски, додавајќи дека за решавање на најосетливите прашања ќе биде потребна средба со Трамп.
Русија ги анализира документите
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави претходно денеска дека Москва ги анализира документите за завршување на војната што во Москва ги донел рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев од САД. Белата куќа веднаш не одговори на барањето за коментар.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пак, го отфрли како лажен извештајот на „Блумберг“ за руските амандмани на американскиот мировен план, тврдејќи дека тој медиум нема сигурни извори блиски до Кремљ.
Реакцијата следуваше откако Володимир Зеленски го претстави планот од 20 точки, кој Москва го гледа само како почетна основа за преговори и со кој не е задоволна, особено поради прашањата за Донбас, НАТО и големината на украинската армија.
Зеленски изјави дека главниот украински преговарач Рустем Умеров планира да има уште еден разговор со американските преговарачи вечерва.
„Навистина работиме 24 часа на ден и седум дена во неделата за да го доближиме крајот на оваа брутална руска војна против Украина и да обезбедиме сите документи и чекори да бидат реални, ефикасни и доверливи“, рече Зеленски.


