Зеленски најавува дека украинското знаме повторно ќе се вее на Крим

Фото: Профимедиа

Украинското знаме повторно ќе се вее на Крим и на привремено окупираниот полуостров ќе донесе европски вредности и крај на верскиот и етничкиот прогон, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото видео-обраќање до учесниците на Кримската платформа во Загреб.

Како што истакна Зеленски, Русија, што во 2014 година го анектираше Крим, ја уништи неговата економска перспектива и на полуостровот спроведува етнички и верски мотивирана репресија.

– Но, украинското знаме повторно ќе се вее на Крим. Крим ќе биде ослободен, а дури тогаш светот ќе почувствува дека војната престанала и луѓето ќе почувствуваат оти светот станал безбеден, подвлече Зеленски.

Според него, со соработка може „целосно да се промени ситуацијата”.

– Враќањето на украинското знаме на Крим е враќање на европските стандарди. На тоа што сите вие го имате во своите земји – безбедност, решени социјални прашања, култура, образование, додаде Зеленски.

Во август 2021 година, во Киев се одржа инаугуративниот самит на Кримската платформа, што го координира меѓународниот одговор на анексијата на Крим и на други безбедносни предизвици.

Самитот повторно се одржа во август годинава, во виртуелна форма и двата беа на ниво на претседатели на држави или влади. Состанокот во Загреб ја утврди парламентарната димензија на Кримската платформа.

Володимир Зееленски EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Украинскиот претседател повтори дека на неговата земја во борбата против рускиот агресор, потребна ѝ е воена и финансиска поддршка, како и санкции против Русија.

– Тоа е основата за идниот мир, подвлече Зеленски, додавајќи дека светот по руската инвазија станал „посурово место каде Русија може да предизвика глад” преку блокирање слободна пловидба и запирање извоз.

Зеленски им се заблагодари на „хрватските пријатели” за повикот и на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за гостопримството, додека кон другите апелираше да го посетат „нашиот ослободен Крим штом се вратиме таму, бидејќи тој дел од Европа нема видено толку важни гости веќе подолго време”.

Прв кримски самит Загреб
фото EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во Загреб се 42 делегации од 32 држави. Пет земји се претставувани од претседатели на два парламентарни дома – Белгија, Чешка, Ирска, Полска и Романија. Единаесет држави ќе учествуваат преку видео порака, меѓу нив Франција, Унгарија, Јапонија и Канада.

Во Загреб се и претставници на пет парламентарни групи на меѓународни организации – Европскиот парламент, ПС на Советот на Европа, ПС на ОБСЕ, Интерпарламентарната унија и ПС на НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот