„Зелен хуман град“: Денес поднесуваме претставка за „Холидеј ин“ во архива на Инспекциски совет, Скопје мора да се развива одржливо и праведно

„Зелен хуман град“ Горјан Јовановски Драгана Велковска Холидеј ин
Фото: Граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изработи претставка против изградбата на висококатниците на паркингот спроти „Холидеј ин“, која денеска во 10 часот ќе ја поднесат до Инспекцискиот совет.

Како што информираат тие, претставката се однесува на незаконски издаденото одобрение за градба и незаконски применуваниот ДУП кај „Холидеј ин“, што граѓанаската иницијатива ја адресираше и до Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и Државен инспекторат за локална самоуправа.

Во продолжение, прочитајте го нивното соопштение до јавноста.

– На нашиот Фејсбук профил ги повикавме скопјани да ја поднесат истата претставка од своите електронски адреси. До овој момент електронски се поднесени над 80 претставки! Ги повикуваме сите одговорни граѓани, сите совесни жители на Скопје да ни се придружат во борбата да ги спречиме чудовишните градби кај „Холидеј ин“! Да не дозволиме повеќе манипулирање со надлежности и навреда на нашата интелигенција!

Денес, (петок, 16 јули) во 10 ч. одиме да ги поднесеме претставките и директно во архивата на Инспекцискиот совет! Дојдете со нас! Испечатете ја претставката, излезете на пауза од работа!

Да им покажеме на институциите дека будно го следиме секој нивен чекор, дека квалитетот на живот во Скопје ни е приоритет и дека нема да дозволиме да бидеме жртви на корумпирани политичари без совест и без интегритет!

За тие што не може физички да дојдат, ве замолуваме да ја поднесете претставката електронски до следните мејлови:
[email protected]
[email protected]
[email protected]
И на [email protected] за да имаме увид колку граѓани реагирале!

Испратете ја во што поголем број! Да ги преплавиме сандачињата на инспекциските служби!

Деталниот урбанистички план кој моментално се применува е спротивен на одредбите од Генералниот урбанистички план на Скопје (2012-2022). Тоа е прекршување на чл. 35 ст. (5) од Законот за урбанистичко планирање.

Со самиот факт што одобрението за градење е издадено врз основа на план чиешто применување претставува прекршување на Законот за урбанистичко планирање, тоа одобрение претставува прекршување на Законот за градење, затоа што при издавањето на одобрението за градење не е исполнет условот предвиден во чл. 3 ст. (1) од Законот за градење: „Секоја градба, зависно од намената, треба да ги исполни основните барања за градбата предвидени со параметрите од урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планска документација или проектот за инфраструктура и други услови пропишани со овој закон и посебните закони“; односно, со издавањето на одобрението не се исполнети условите пропишани со посебните закони (чл. 35 ст. (5) од Законот за урбанистичко планирање).

Во претставката е детално аргументирано од што точно произлегуваат востановените законски прекршувања, а наведени се и стручните аргументи од Елаборатот за суспензија што го изработија стручните служби во Општина Центар.

Истовремено, не ги забораваме ни жителите од Ново Маало. За нив мора да се најде решение! Тие луѓе не смее да бидат манипулирани дека монструозните градби ќе им донесат квалитетен живот и дека им се единствено решение. И тие ќе продолжат да живеат во нехумани услови како и досега – без воздух, без светлина. Инвеститорите ако беа толку загрижени за новомаалци ќе градеа на ГП 1.2 или на ГП 1.3, а не на ГП 1.1 – паркингот. ГП 1.1 е на територија на паркингот и на имотот на МПЦ. Луѓето и нивните домови намерно заборавени од институциите се на територија на ГП 1.2 и ГП 1.3. Таму сега нема да се гради! Сите три кули се на ГП 1.1, а ако се дозволат монструозните планови на инвеститорите, тоа ќе ги исцрпи и параметрите за домување од ГУП и инфраструктурните капацитети на просторот (сообраќајни, водовод, канализација). За прашањето на новомаалци да се реши потребен е нов план со поинаку дефинирани парцели кои полесно ќе се реализираат.

Затоа за локацијата мора да се организира меѓународен конкурс за најдобро урбанистичко решение, да се одговори на сите потреби на локалното население, но не за сметка на тоа група моќници дебело да испрофитира. Монструозните градби не се одговор на потребите на новомаалци туку се одговор на незаситниот апетит на урбаната мафија!

Скопје мора да се развива одржливо и праведно, стои во соопштението на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

ВИДЕО | Велковска: Делуваме антипартиски, решението е да се врати моќта на одлучување кај граѓаните, потребна е директна демократија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот