KF Shkëndija

Зејнулаи пред мечот со Вардар: Дерби не се игра, туку се добива

После триумфот во Лигата на конференции над ирскиот Шелбурн, фудбалерите на Шкендија во одлична атмосфера го дочекуваат дербито против Вардар во Првата македонска лига денеска од 13.30 часот.

Токму таа европска победа им дава дополнителен мотив на тетовските „црвено-црни“ во пресметката на домашен терен против најтрофејниот тим во ПМФЛ за трите бода. Играчот на Шкендија, Арбин Зејнулаи пред дербито со Вардар рече дека тимот веќе е фокусиран кон овој натпревар, и дека се максимално подготвени да дојдат до посакуваните бодови:

– Зад нас е историски натпревар во Европа, а после победата бевме многу среќни. Сепак, фудбалот не завршува туку веднаш мораме да се фокусираме кон следните предизвици. Сега на ред е мечот со Вардар, и затоа немаме многу време за славење. Мораме да се фокусираме кон следниот предизвик, а следниот меч за нас е дерби. Вакви дербија мора да се добијат, и ние сме максимално подготвени. Шкендија има амбиции да биде шампион, и кога тоа е целта, тогаш мора на секој натпревар императив да ни бидат трите бода. Што се однесува до дербито, само ќе кажам дека вакви дербија не се играат, туку се добиваат – рече Зејнулаи.

Околу тоа што, како и колку може денеска тимот на Вардар, на „жешкиот“ терен на Градскиот стадион во Тетово, зборува столбот на одбраната на „црвено – црните“, хрватскиот интернационалец Мислав Матиќ:

– Нормално дека дуелот против Шкендија на гостински терен со актуелниот првак и учесникот во групната фаза од Лигата на конференции е голем предизвик. Шкендија има квалитет, тука нема дилеми. Затоа, може слободно да се каже дека на ваков дерби натпревар, мора да си двојно поконцентриран, двојно поагресивен и многу побрз за разлика од некои полесни мечеви, ако воопшто има такви. Ние секако ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до позитивен резултат, тука бидете сигурни. Дали ни оди во прилог тоа што Шкендија игра во Европа? Да, мислам дека ни оди. Имаат густ распоред, многу мечеви, но да напоменам, ние премногу и не се оптоваруваме со противникот. Знаеме што треба да направиме за да дојдеме до добар резултат во Тетово, и токму тоа ќе го сториме – вели Матиќ.

Моментно на табелата во првенството, Вардар е второпласиран со 21 бод, колку и Шкендија на четвртата позиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот