Плакат за промоцијата во „Галерија МС“

Здружението „Контрапункт“ ќе промовира книга од Сузана Милевска во Њујорк

Книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од македонската теоретичарка Сузана Милевска ќе биде промовирана на 7 март, во „Галерија MC“ во Њујорк. Книгата е во издание на ЗГ „Контрапункт“ – Скопје во едицијата „Пунктум“.

На промоцијата во Њујорк, по воведното обраќање на Искра Гешоска, културен теоретичар и издавач, ќе се одржи разговор меѓу авторката на книгата, Сузана Милевска, теоретичар на визуелната култура и куратор од Скопје, и Живка Ваљавичарска, вонреден професор на Прат Институтот во Њујорк, по кој ќе следува и говор од страна на Тијана Ана Спасовска, историчар на уметноста. Артан Садику, теоретичар на културата и политиката, ќе го модерира целиот настан, кој ќе заврши со отворена сесија за прашања и одговори.

По промоцијата ќе биде отворена изложба на Тадеј Погачар, курирана од Сузана Милевска.

„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од петнаесет есеи за партиципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски јазик во текот на повеќе од петнаесет години.

За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во една збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во далечната 2006 година. Паралелно со англиското издание, книгата се објавува и на македонски јазик. Сите есеи се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, декан на Институтот по филозофија и професор по логика и филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Сузана Милевска е теоретичар и куратор за визуелни уметности и култура. Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура и феминистичките, партиципативните и колаборативните уметнички практики.

Милевска била главен истражувач на проектот на „Хоризонт“ во 2020, насловен „Траги“ на Политехничкиот универзитет Милано, а во 2019 година ја курирала завршната изложба „Спорни објекти / Засрамени субјекти“. Во 2013 година, таа била назначена за прв endowment професор за историја на уметностите од Централна и Југоисточна Европа на Уметничката академија во Виена (2013 – 2015).

Милевска има докторат по визуелна култура од Универзитетот Голдсмит колеџ, Лондон. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон. Таа има курирано бројни меѓународни изложби, го има иницирано проектот „Повикај го сведокот – Рома павилјон“ на Венециското биенале (2010-2011). Милевска е добитник на наградата „Игор Забел“ за култура и теорија за 2012 година.

Новата книга е објавена како дел од проектот „Peripheral Visions – towards a trans(l)national publishing culture“, кој си поставува за цел да развие меѓународна размена меѓу малите културни и лингвистички контексти на полуперифериите на Европа со меѓусебна поддршка преку копродукции, кокреации, трансфер на знаења и споделување на ресурси.

Преку мултилингвално издаваштво, трансдисциплинарна културна продукција, алтернативна дистрибуција, размена на знаење, дигитални содржини, отворени дигитални технологии и нови формати на игри, проектот создава меѓународен простор за создавање и експериментирање во издавачкиот процес.

Македонското издание на книгата ќе биде промовирано во Скопје во организација на КРИК – фестивал за критичка култура. Изданието е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, финансирана од Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот