Плакат за промоцијата во Бистро „Комедија“

Збирката раскази „Мрачни импулси“ на Јордан Коцевски ќе има промоција во Бистро „Комедија“

Делото „Мрачни импулси“ на Јордан Коцевски е збирка раскази чијашто цел е истражување на човечките импулси, оние нагли, понекогаш хаотични, понекогаш логични одлуки што го обликуваат животот на поединецот, импулси што поставуваат морални дилеми, ги поткренуваат прашањата за последиците од одлуките, ја разгледуваат границата меѓу љубовта и агресијата, меѓу грижата и паранојата.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 27 мај, во 19:30 часот, во Бистро „Комедија“. Промотор на книгата ќе биде писателот Жарко Кујунџиски.

Ексклузивно со секој купен примерок на книгата „Мрачни импулси“ на промоцијата ќе може да се добие уште една книга, „Мисија пазарење“.

„Мисија пазарење“ е илустрирана приказна од Дарко Богданов и Јордан Коцевски, која е сведок на едно хаотично време што не одмина, кога одењето „на пазарење“ претставуваше вистински кошмар.

Роден во 1983, Јордан Коцевски ја започна кариерата во академската сфера и во 2014 година се здоби со титулата Доктор по менаџмент во туризам и угостителство. Има напишано повеќе од триесет научни и стручни трудови пред да му здосади и да одлучи да ја следи својата страст да стане писател.

Првата збирка стрипови во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“, ја објави во 2014, додека со истиот илустратор во 2016 ја издадоа нивната прва графичка новела „Витези од соседството“.

Збирката раскази „Време за живеење“, за која се преправа дека не постои, е неговото прво дело, објавено во 2001 година.

Реакцијата на читателите за неговиот прв роман „Тегли“, објавен во 2021, му докажа дека знае кај тера, и многу повеќе се посветува на пишувањето. Така, наредната година следуваа романите „Заследи ме“ и „Наследство: Прозорецот“, а романот „Зборови“ излезе од печат во 2023 година. Во 2024 година го објави романот „Тајни“, а во 2025 – „Наследство: Кошмари“.

Живее во Охрид, каде што ја храни душата со неговите мистерии и убавини, додека работи како туристички водич и уредник на електронското списание за литература и друга уметност „(е)Лит“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот