Бомбашите од Битола добија по една година затвор за секој автомобил што го оштетија
Затворски казни добија бомбашите кои лани летото фрлија рачна бомба на улицата „Охридска“ во Битола и оштетија објекти и седум коли – БМВ, „фолксваген“, „тојота“, „киа“, „рено“ „матиз“ и „тико“, сите со битолски регистарски ознаки. Имаше и оштетувања на прозорци и врати од околните куќи, објави портало „Апла“.
Препорачано
Според пресудата на Основниот суд Битола, двајца добиле казни затвор од по седум години, еден бил казнет на две и пол години затвор, додека четвртиот бил условно осуден. Четвртото лице се наоѓа во бегство и за него е одредена мерка притвор и објавена меѓународна потерница.
Бомбашите одговараа за кривичното дело – Тешки дела против општата сигурност.
Постапувајќи во предметот против четворица осомничени за инцидентот од 12 јули 2025, кога рачна бомба експлодираше на улицата „Охридска“ во централното градско подрачје на Битола, јавниот обвинител нареди вештачење со кое вкупната проценета штета на околните објекти и паркираните возила беше утврдена на 405 илјади денари.
Од тие причини, имајќи предвид дека станува збор за поголема имотна штета, Основното јавно обвинителство Битола изврши итна преквалификација на делото во потешко кривично дело.
„Против четворицата осомничени кои претходно се гонеа за предизвикување општа опасност од член 288 од Кривичниот законик, сега е отворена истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството со прибраните докази ги утврди својствата на секој од осомничените, така што еден се товари за поттикнување, додека другите за дејствија на соизвршителство и помагање“, објави тогаш ОЈО Битола.
Според ОЈО Битола со прибраниот доказен материјал, утврдено е кој од осомничените ја поседувал и активирал експлозивната направа – рачна бомба М-75 која на граѓаните им е забранета, па против него беше отворена истрага и за – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со ставовите 1 и 5 од Кривичниот законик.
Непознат бомбаш фрлил експлозив на улица во Битола, оштетил куќи и автомобили


