Аца Лукас / Фото: Инстаграм/Аца Лукас

„Заспаните“ институции се фалат дека спречиле катастрофа – тенка е линијата меѓу задоцнетата реакција и трагедијата

По реакциите на јавноста зошто се дозволило настанот воопшто да почне ако немало дозвола да се одржи, а кафулето да се наполни со гости, како задоцнета изгледа интервенцијата на надлежните дури околу полноќ, директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Стојкоски во изјава за „Слободен печат“ тврди дека координираната акција на институциите почнала во 23 часот, односно половина час откако почнала „свирката“, а не десет минути по полноќ, како што се пренесува. Тогаш, всушност, бил уапсен српскиот турбофолкер, за што извести МВР.

Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува. Многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип естрадни уметници и нивни менаџери.

Ова вчера го изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод случувањата во кафе-барот „Рома“ во Кавадарци, но и обвинувањата на српскиот турбофолк пејач Аца Лукас дека неговото пополноќно апсење е нарачано од политичкиот врв на Македонија.

Иако премиерот сака да го минимизира скандалот, сепак, зборовите на неговиот сопартиец Митко Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци – дека „нема да дозволиме Кочани сценарио. Безбедноста е прва!“, како и кревањето на нозе на повеќе инспекциски служби во „акциската контрола“, покажува дека на настанот прилично му е посветено внимание.

Аца Лукас беше приведен, па ослободен откако плати прекршочна глоба поради настапот без дозвола во кавадаречкиот кафе-бар „Рома“. Сепак, се наметнува прашањето – дали системот и натаму е (не)функционален, а институциите сè уште потфрлаат, дури и по трагедијата што одзеде 63 млади животи.

Стојкоски од ДПИ: Реагиравме во 23 часот, а не по полноќ

 

По реакциите на јавноста зошто се дозволило настанот воопшто да почне ако немало дозвола да се одржи, а кафулето да се наполни со гости, како задоцнета изгледа интервенцијата на надлежните дури околу полноќ, директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Стојкоски во изјава за „Слободен печат“ тврди дека координираната акција на институциите почнала во 23 часот, односно половина час откако почнала „свирката“, а не десет минути по полноќ, како што се пренесува. Тогаш, всушност, бил уапсен српскиот турбофолкер, за што извести МВР.

ВИДЕО | Драма на настапот на Аца Лукас во Кавадарци: Полицијата го симна пејачот од сцената и го приведе

– Акцијата беше изведена во координација меѓу Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, трудовата инспекција и Министерството за внатрешни работи. Настапот почна во 22.30 часот, додека акцијата беше во 23 часот. Ние издадовме платни налози за пречекорување на бројот на гости и за пушење во затворен простор. Спречивме да се соберат над 1.000 луѓе, бидејќи не дадовме согласност надвор да се постават маси – вели Стојкоски.

Колку влезници биле продадени, а колку гости имало внатре, Стојкоски вели дека тоа се информации со кои располагала Управата за јавни приходи. Се истражува и дали „Рома кафе“ имала законско право да го реиздава кафулето на друг правен субјект. Законот за угостителска дејност не предвидува кривична одговорност за сопствениците на кафе-баровите во вакви случаи, па се најавуваат измени на Законот.

„Рома кафе“ ги демантира институциите

 

Институциите уверуваат дека во Кавадарци спречиле трагедија, а од кафетеријата тврдат дека не направиле ниту едно кривично дело или прекршок. „Рома кафе“ тврди дека објектот за настанот бил издаден под наем, па целата правна обврска и одговорност при инспекцискиот надзор е на тој правен субјект, што е поткрепено со писмен одговор.

– Аца Лукас имал валиден влез (како странец, во земјава – н.з.) и запазен престој, што е потврдено од судијата во основниот суд во Кавадарци. Настапот беше наменет за промоција на негова сопствена криптовалута – тврдат од „Рома кафе“.

Од кафулето негираат дека во кафулето имало луѓе над дозволениот капацитет, туку онолку колку што било дозволено од надлежните. Тротоарот за кој имало барање до Општината за користење, но било одбиено, не се користел за настанот.

– Инспекторите од УЈП и ДПИ, при извршената контрола ќе поднесат соодветни поднесоци за дел од констатирани неправилности спрема правниот субјект. „Рома кафе“, во насока со законските прописи и насоките од градоначалникот, поднесе барања до Општина Кавадарци, до противпожарната единица, до Општата болница и до Полициска станица Кавадарци. Во барањата е образложен целиот настан, а барањето е за нивна присутност поради поголем број посетители (за кое имам писмен доказ). По пријавувањето за настанот добивме упатства од надлежните институции како да постапиме на денот на настанот и беа исполнети од наша страна – велат од „Рома кафе“.

Оттаму тврдат и дека не се точни наводите за загрозување на безбедноста на посетителите, бидејќи и по приведувањето на српскиот турбофолкер и криптоинвеститор, кафулето продолжило да работи до 1 часот по полноќ, односно до крајот на работното време.

Не е доволно да се уапси само Аца Лукас

– Што значи дека „Рома кафе“ ги исполнувала сите потребни безбедносни услови, со излези од објектот, и не е изречена казна. Исто така, не е точно дека во објектот имало 700 гости, тоа се паушални изјави од луѓе што не биле присутни. Во објектот имаше 400 гости, што беше уредно пријавено и беа обезбедени сите услови за работа. Доколку немало услови за работа, надлежните институции пред почнување на настанот можеле да нè известат дека не се исполнети условите во целост, затоа што седум дена претходно сите беа уредно известени. Како сопственик на „Рома кафе“ најмалку сакам да се случи некаков немил настан, затоа секогаш работиме по највисоки стандарди – се вели во демантот на кафулето.

Што велат од МВР

 

Министерството за внатрешни работи ги демантира овие наводи и тврди дека за време на настанот не се издавале фискални сметки, дека имало околу 600 до 700 гости и се пушело во просторијата, иако поинаку се договориле пред одржувањето на настанот и не биле почитувани зададените насоки од институциите од сопственикот на кафе-барот.

– Во врска со настапот на А.В. во Кавадарци на 21.11.2025, Министерството за внатрешни работи, во насока на превенција и заштита на граѓаните, а особено на помладата популација која, според нашите информации, во голем број планира да биде на концертот, во просториите на ОВР Кавадарци, во присуство на инспектори од ДПИ и ДЗС, одржа состанок, на кој беше присутен и сопственикот на кафе-барот „Рома“, Ѓ.А од Кавадарци. Токму во таа насока, на сопственикот на кафе-барот му беше укажано дека треба да постапува во согласност со позитивните законски прописи, пред и за време на настанот, со единствена цел – безбедно одржување на концертот во посочениот кафе-бар. Од страна на Ѓ.А. сопственик на кафе-барот „Рома“ е потврдено дека знаел за потребните услови и законски прописи што треба да се исполнат за настап на А.В. – објаснуваат од МВР.

Кавадаречката полиција го приведе српскиот турбофолкер Александар Вуксановиќ, познат како Аца Лукас, затоа што настапувал во Кавадарци во локал без потребна дозвола.

Против Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. За турбофолкерот била поднесена прекршочна пријава во Основен суд Кавадарци. Од Основен суд Кавадарци соопштија дека на Аца Лукас му била изречена парична казна во висина од 50 евра. Менаџерот на Аца Лукас најави дека пејачот нема да дојде ни најавениот голем концерт во Скопје, во декември, во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот