Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Не е доволно да се уапси само Аца Лукас

Страв ме фаќа кога публиката пее „Нисам преживео“, а ја има три и пол пати повеќе во клуб во Кавадарци во кој „се паѓало во транс“. Макар Аца Лукас потоа и да биде уапсен и да не ни доаѓа веќе додека е оваа гарнитура на власт

Во акциска контрола во Кавадарци „како на филм“ (беше објавено и видео), велешката полиција го привела српскиот пејач Аца Лукас, бидејќи настапувал без потребната дозвола. Според СВР Велес, во „акциската контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, учествувале полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи. Против А.В. (вистинско името на Аца Лукас е Александар Вуксановиќ- н.з.) била поднесена прекршочна пријава, а Основниот суд Кавадарци го казнил парично. За ваков вид прекршоци глобата е од 50 до 250 евра.

„При контролата во истиот угостителски објект констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број гости од дозволениот, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопшти СВР Велес.

Македонски портал објави и видео како изгледал концертот, во текст со наслов: НЕЗАБОРАВНА НОЌ ВО КВАДАРЦИ: АЦА ЛУКАС ГО ПОДИГНА КЛУБОТ НА НОЗЕ, ПУБЛИКАТА ВО ТРАНС! (насловот е намерно оставен онака како што е објавен – со големи букви и со грешката). Страв ме фаќа кога публиката паѓа во транс на песни со наслови „Нисам преживео“, „Лична карта“, „Кафана на Балкану“…

Колку посетители имало во кафетеријата „Рома“ каде што се одржал концертот, нè извести градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој истакна дека локалот има капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700. „Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14 ноември барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран“, рече Јанчев, додавајќи театрално: „Нема да дозволиме Кочани сценарио. Безбедноста е прва!“.

Аца Лукас го исполитизира настанот, изјавувајќи дека е директна жртва на македонскиот политички врв и дека додека оваа гарнитура е на власт, нема да настапува во Македонија. А има закажан концерт на 20 декември, во салата „Јане Сандански“, во Скопје. Лично, не жалам многу за најавата на српската турбофолк ѕвезда. Напротив! Разните Цеци и Лукаси знаат да бидат и политички злоупотребени или да злоупотребуваат со знамиња на грбот. Тие постојано докажуваат колку ја сакаат Македонија и Македонците, а всушност ги сакаат дебелите хонорари, кои неретко за нивни настапи ги издвојуваат и градоначалници – од парите на даночните обврзници.

Тоа што загрижува е што инспекторите повторно доцна реагирале, иако овојпат, за среќа, не се случил несакан инцидент, иако биле исполнети сите услови за тоа. Доволно било некој од публиката да фрли петарда (што е честа појава во предновогодишни забави) за да се создаде стампедо со несогледливи последици во објект со три и пол пати повеќе посетители од дозволениот максимум.

Секогаш ќе се најде некој криминалец кој ќе ги крши законите, но затоа постојат инспектори и институции кои се платени од државата да се борат против овие зла. Таа сива зона на непријавени свирки, неиздавање фискални сметки, точење алкохол на малолетници, кршење на Законот за пушење, за жал, продолжува. Доволно е да се влезе на Инстаграм профилите на разни кафетерии, клубови, дискотеки, кабареа и да се види дека секој викенд турбо-фолкери ја трујат македонската младина со шунд, а некој од тоа остварува профит.

Не само поради опомените од секој „Марш на ангелите“ со пораки да се расчисти со корупцијата, треба да се бараат одговори и одговорност зошто некој дозволил настапот да се одржи без да има дозвола за тоа. Зошто Општина Кавадарци, од која било побарана дозвола за поставување дополнителна урбана опрема (читај зголемување на капацитетот на објектот со „опрема“ која не ги задоволува законски пропишаните стандарди за масовна посетеност) не алармирала во МВР дека се подготвува „свирка“ на голема српска ѕвезда, за која се знае дека ќе предизвика голем интерес. Дури и да се вади МВР дека настанот не бил пријавен, кавадаречките полицајци морале да се грижат за безбедноста на своите млади сограѓани кога забележале „масовка“ во центарот на градот.

За жал, и овојпат ќе нема командна одговорност. Каква што скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски бара во меѓусебните препукувања со неговата претходничка Данела Арсовска, зашто така ѝ одговара на власта. Кога не ѝ одговара, како во случајот со Кочани и во многу други, командната одговорност не се споменува. Имам чувство дека сè ќе се заврши со паричната казна за Аца Лукас. Од 50 до 250 евра во денарска противвредност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот