Започнува „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“, во чест на роденденот на Мирко Попов
Од 16 до 18 октомври ќе се одржи фестивалот на современата музичка сцена „ПМГ рекордингс фестивал“ во чест на роденденот на неговиот основач Мирко Попов.
Препорачано
Фестивалот ќе се одржи на две локации – „Јавна Соба“ и Македонскиот народен театар – и ќе донесе уникатна програма со изведувачи кои ја обликуваат современата регионална музичка сцена.
Фестивалот започнува утревечер, 16 октомври, во 21:00 часот во „Јавна Соба“ со концерт на Александар Велики, кој ќе го отвори настанот со енергичен настап исполнет со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера. Истата вечер ќе настапат и Донплаја и Принцез Донатсу, влијателното трап-дуо од Битола кое го спојува рапот, уметноста и комедијата во оригинален и препознатлив израз. Влезот за оваа вечер е бесплатен.
Втората фестивалска вечер, на 17 октомври, ќе се одржи на малата сцена во МНТ со почеток во 20:00 часот и ќе ја истражи врската меѓу електронската музика и поезијата. Л.О.В.Д. (L.O.V.D) ќе ја претстави својата авторска продукција во живо, а проектот Поетроника на Оливер Митковски и Андреја Салпе ќе понуди уникатен поетско-звучен перформанс што ја спојува македонската поезија со електронскиот звук. Вечерта ќе ја заокружи „Блекстејт“, со моќен настап кој комбинира синт-поп, експериментална електроника и хардкор-панк естетика.
Финалето на фестивалот следува на 18 октомври повторно во „Јавна Соба“, со настап на „Мангрув“ (MANGROOVE) – еден од најреномираните поп-состави во регионот, кои за првпат ќе се претстават пред македонската публика. Концертот ќе биде кулминација исполнета со свежина, енергија и емоции. Вечерта ќе ја отвори Марија Каева со својот електро-поп настап и песни од албумот „Фортуна“.
„ПМГ Рекордингс Фестивал“ го основа Мирко Попов во 2008 година, а во изминатите 13 изданија фестивалот прерасна во една од најзначајните платформи за промоција на новата и квалитетна музичка продукција во земјата. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година, а годинашната програма е посветена на роденденот на фестивалот и на уметниците кои ја дефинираат современата сцена.
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, во организација на здружението „Крај Вардарот“, а партнери се Јавна Соба и Македонски народен театар.


