Започнаа испитувањата на „Влајко“, возачите да внимаваат на времената сообраќајна сигнализација
Утрово започнаа активностите за испитување на статиката на надземниот премин „Влајко“ во населбата Влае. За таа намена, Општина Карпош ја ангажираше фирмата за техничко испитување и анализа „ТСГ индустри сервис“, која во моментов врши испитување на дел од надвозникот во насока исток-запад, односно кон населбата Ѓорче Петров.
Препорачано
Се предвидува во рамки на утрешниот ден, стручните служби да вршат испитувања на другиот дел од надвозникот „Влајко“, поточно во насока запад-исток кон Центар. Откако ќе завршат со надворешните мерења, овластените лица ќе спроведат внатрешни испитувања на статиката на надвозникот, по што ќе ги сумираат резултатите. Заради испитувањата, движењето по коловозот на овој потег се одвива по изменет режим, за што Општина Карпош им благодари на сите граѓани за нивното разбирање и прилагодувањето кон времените правила во сообраќајот, велат од Карпош.
Поради изведување на стручните мерења воведен е времен режим на сообраќај, поточно сообраќајот на тој потег ќе се одвива непречено, согласно сообраќајната сигнализација и опремата која ќе биде времено поставената, на која ќе биде означено прописно ограничување на брзината на движење од 30 km/h. Се предвидува овие активности да се одвиваат во период од седум работни дена, а по нивното завршување да биде воспоставен првобитниот режим на сообраќај.
Општина Карпош апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат и да се прилагодат на времениот сообраќаен режим.


