Западот подготвува „мултинационален план“ за обезбедување на Ормускиот Теснец
Во Париз денеска ќе се водат разговори за обезбедување на Ормускиот Теснец – во времето по војната. Задачата е комплексна, а заканата, во моментов, тешко проценлива.
Под силен економски притисок поради блокадата на Ормускиот Теснец, западните партнери денеска во Париз се советуваат во врска со можна воена мисија по војната со Иран. Целта на конференцијата, иницирана од Франција и Велика Британија, на која учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, е изработка на „мултинационален план“ за обезбедување на теснецот – кој, сепак, би можел да се спроведе само под одредени услови.
Препорачано
За владата на Германија, прекин на огнот во регионот е најважниот услов. Ангажман за време на тековни борбени дејства за Германија е исклучен. И францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер нагласија дека станува збор за периодот по конфликтот. Во Париз се очекува и италијанската премиерка Џорџа Мелони, а преку видео треба да се приклучат уште 40 партнери, вклучително и од Азија, Африка и Латинска Америка.
„Безусловното и итно повторно отворање на теснецот е глобална одговорност и мора да дејствуваме за светскиот тек на енергија и трговија повторно да има слободно движење “, изјави Стармер. „Меѓународната мисија ќе биде исклучиво од одбранбена природа.“
Завојуваните страни – САД, Израел и Иран – не седат на масата во француската престолнина. Во основа, конференцијата потсетува на советувањата на „Коалицијата на волните“, која за војната во Украина работи на планови за периодот по борбите. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави можна втора рунда преговори со Техеран во војната со Иран. Дали и кога ќе дојде до тоа, останува отворено.
Како би можела конкретно да изгледа една воена мисија по војната?
Состојбата денес е таква што американската војска и натаму го блокира Ормускиот Теснец за ирански танкери и трговски бродови кои пристигнуваат или заминуваат од ирански пристаништа. Иранската морнарица преку закани и гранатирање на танкери и товарни бродови го направи теснецот, широк 55 километри, практично непрооден, што ги зголеми цените на енергентите. Техеран предложи наплаќање такси за безбедно поминување на бродовите.
Целта е да се воспостави состојба во Ормускиот Теснец каква што постоеше пред избувнувањето на војната. Мерц на разговорите сака да понуди конкретен придонес од Бундесверот: по завршување на борбите и доколку се исполнат дополнителни услови, морнарицата би ставила на располагање миноловци, брод за снабдување и воздушно извидување, дознава германската агенција ДПА од владини кругови.
Бундесверот моментално располага со осум миноловци и два пловни објекти за нуркачи за мини. Колку од нив би можеле да се употребат сè уште не е јасно. Според информациите, Мерц денеска (17.04) нема да изнесе бројки. За воздушно извидување, морнарицата располага со два поморски извидувачи од типот П‑8 „Посејдон“. Извидувачката мисија би требало да се управува преку релеј-станица во Џибути.
И Британците во изминатите недели зборуваа за своите капацитети за расчистување мини. Трамп побара поддршка за тоа. За Германија засега не доаѓа предвид ангажман на фрегати, бидејќи германските воени бродови се силно ангажирани во рамките на НАТО‑формација во Северниот Атлантик.
Каква е безбедносната состојба во Ормускиот Теснец?
Од почетокот на војната, безбедноста во теснецот не е гарантирана. Повеќе бродови беа под оган. Експертите претпоставуваат дека Иран пред околу еден месец поставил неколку десетици мини јужно од своите води – иако Техеран никогаш не потврдил таква акција. Според Здружението на германски бродосопственици (ВДР), од крајот на февруари повеќе од 2.000 трговски бродови со околу 20.000 морнари се заглавени во Персискиот Залив.
„Ниту Иранците ниту САД – а ниту кој било друг – во моментов точно не знаат каде се наоѓаат овие мини“, вели безбедносниот истражувач Андреас Криг од лондонскиот Кралски колеџ за телевизијата Ал Џезира. Слична процена пренесе и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски безбедносни извори.
Минатата недела, пред американската блокада на теснецот, морнарицата на иранската Револуционерна гарда предупреди на опасна зона. Како што беше соопштено, постоела веројатност таму да има противбродски мини. Алтернативната рута препорачана од Револуционерната гарда за бродовите води значително подалеку на север – низ зоната на иранско влијание. Самата заканувачка слика за минирано подрачје веќе има големо влијание врз можноста за планирање кај бродските компании.
Нема јасни докази дека иранските вооружени сили навистина го минирале теснецот, изјави за ДПА поранешниот капетан на британската Кралска морнарица, Кевин Роуландс. „Но, толку е лесно незабележливо да се постават мини, а последиците од евентуален погодок би биле толку катастрофални, што е апсолутно неопходно да се обезбеди ‘безбедна’ рута.“
Дали мините можат лесно да се отстранат?
Во понеделникот (13.04), американското Министерство за одбрана соопшти дека два разурнувачи биле ангажирани во Ормускиот Теснец како дел од поголема мисија „за да се осигури дека теснецот е целосно исчистен од морски мини што претходно ги поставила Иранската револуционерна гарда“. Безбедносниот истражувач Криг вели дека Иран наводно располага со до 6.000 мини од различни типови. Расчистувањето на Ормускиот Теснец во моментов е „исклучително тешко“.
Британскиот тинк‑тенк Кралски институт за студии за одбрана и безбедност на обединетите вооружени сили укажува дека теснецот ќе се смета повторно за отворен дури кога осигурителните компании ќе ги осигуруваат бродовите што поминуваат низ него по тарифи што ја прават пловидбата економски одржлива. До тој момент нема да се дојде само со најави или дипломатски изјави. „Тоа ќе се случи дури кога заканата ќе биде докажано и трајно намалена“, напиша тинк‑тенкот кон крајот на март.
Извор: DW


