Западните санкции ја принудија Русија да го заврти извозот на енергија кон Истокот

Фото: Thissatan Kotirat / Alamy / Alamy / Profimedia

Политички и економски санкции, ембарго на меѓународни блокови кон одредени држави, заплена на личен имот, се актуелниот тренд на политики што се практикуваат во светската политика во моменти кога најголем глобален предизвик е војната во Украина.

Токму поради тоа се поголемиот број западни земји кои воведуваат санкции кон Русија, властите во таа земја беа принудени да ја зајакнат соработката со своите источни партнери.

Имено, регионалните медиуми пишуваат дека официјална Москва притисната од западните блокади особено за руските енергенти, периодов се обидува да најде солуција за излез од состојбите вртејќи се кон традиционалните пријатели на Истокот, поточно кон Кина. Во тој контекст долгогодишниот традиционален пријател на Москва, Пекинг од почетокот на војната во Украина одбива да воведе санкции кон Русија, именувајќи ги како нелегални а трговијата меѓу двете земји како резултат на довербата и соработката се искачи на неверојатни 12,75 отсто минатиот месец.

Податоците на кинеската царинска служба покажуваат дека трговската размена меѓу Кина и Русија во март пораснала за дури 11,7 милијарди долари. Кога станува збор за првиот квартал од годинава, исто така забележан е раст на трговската размена меѓу Москва и Пекинг за 30,45 отсто во однос на истиот период лани, пишуваат медиумите.

Пекинг: Санкциите се незаконски

Во меѓувреме од почетокот на војната во Украина, кинеските власти децидно го отвфрлаат користењето на зборот „инвазија“ во јавната комуникација, истовремено одбивајќи да ја осудат руската агресија врз Украина. Според кинеските власти, санкциите воведени од западните земји се оценети како незаконски, при што Кина јасно истакна дека ќе ја подобри соработката меѓу двете земји.
Иако Европската унија како целина останува убедливо најголемиот трговски партнер на Русија, Кина јасно ја изрази својата подготвеност да ја продлабочи соработката во секој аспект со Москва.

„Неизбежно е намалувањето на трговијата меѓу ЕУ и Русија поради санкциите. Сегашната криза го заостри фокусот во ЕУ на потребата изнаоѓање на нова алтернатива за снабдувањето со енергентите“ – изјави трговскиот економист Ребека Хардинг.

Руската енергија протече во Кина?

Кина е еден од најголемите пазари за руска нафта, гас и јаглен. Само една недела пред инвазијата на Украина, двете земји се договорија за нов договор за јаглен во вредност од повеќе од 20 милијарди долари. Рускиот претседател Владимир Путин ги претстави и новите руски договори за нафта и гас со Кина во вредност од 117,5 милијарди долари. Како што пренесоа светските агенции двете земји имаат за цел да изградат нов гасовод „Моќен Сибир 2“. Постојниот гасовод започна со работа во 2019 година, кога всушност беше и потпишан 30-годишен меѓудржавен договор вреден повеќе од 400 милијарди долари.
Сепак, ескперите анализираат дека досега најголемиот енергетски пазар на Русија – ЕУ, која го купуваше 40 отсто од рускиот гас и околу 26 отсто од руската нафта, сега оваа количина ќе може да се пласира на пазарите во Кина и по цена Европа целосно да ги суспендира руските енергенти.

Меѓусебна помош и во банкарството

Друга област во која Кина може да биде спас за Русија е и банкарскиот систем. Еден дел од западните санкции се однесуваат на меѓународниот платен систем СВИФТ, од кој Русија беше протерана. Ова ги принуди компаниите во Кина, но и во другите делови на светот, да ги намалат купувањата од Русија додека не се стабилизира платниот систем. Сепак, Кина и Русија со години работат на поттикнување алтернативни начини на плаќање. Русија има свој систем за финансиски пораки (СТФМ), додека Кина има систем на прекугранични меѓубанкарски плаќања наречен (ЦИПС), алатки кој перфектно работат во свои валути.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот