Ѓорѓе Иванов / Фото: Фејсбук

Западен Балкан треба да прифати економско интегрирање во ЕУ, тоа за нас е одлино, вели експретседателот Иванов

Доколку навистина се стави на маса проект којшто ќе овозможи интеграција на Западниот Балкан во единствениот пазар, тоа треба да се прифати без никаква задршка, рече поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов на панелот „Односите на Западен Балкан и ЕУ во променлив политички, безбедносен и економски пејзаж“, во рамки на Меѓународната конференција на Паневропската унија што втор ден по ред се одржува во Скопје.

Поранешниот македонски претседател, како главен говорник на панелот, поосочи дека секогаш кога земјава се доближувала до поставената цел од страна на ЕУ, целта се поместувала, и така во недоглед, со што се зголемува и листата на нашите неостварени очекувања.

-Темата е комплексна бидејќи мораме да ги опфатиме и економските и политичките и безбедносните аспекти во овие промени. Да не навлегуваме во историјата бидејќи ќе заглавиме, но и да не влеземе во замката да овие актуелни промени ги согледуваме од денешен аспект, односно од дневна политика, бидејќи имаме хиперинфлација на настани кои се случуваат секој ден, рече Иванов, осврнувајќи се на настан што треба да се случи на 19 и 20 март, односно разгледувањето на извештајот на Марио Драги на Европскиот совет, којшто извештај, според Иванов, е битен за Западниот Балкан и за Македонија.

Извештајот, рече Иванов, е од 800 страници и, како што рече, е последна надеж за соочување на Европа со својата позиција во однос на Америка и на Кина, зголемување на конкурентноста, соочување со скапата енергија, со зелената енергија, коридорите на зелена енергија, новите коридори, односно обезбедување своја одбрана, односно орудија Европа да се опреми.

-Така што се очекува веќе во март да биде клучен момент дали Европа ќе се соочи со реалноста или ќе влезе во својата безначајност во однос на Кина и на Америка. Планот предвидува, односно извештајот, околу 800 милијарди евра секоја година да се инвестира во овие приоритетни цели. Проблемот е од кај ќе се најдат тие пари. Една солуција е да се повтори сценариото кога беше пандемијата и ковидот со обврзници. Но малите и сиромашните членки на Европската Унија се изрично против таквиот начин. Втор начин кој е преќутно онака меѓу бриселски кругови да се искористат 33, замислете трилиони штедни влогови на европските граѓани кои се во комерцијалните банки, рече Иванов.

Тој оцени дека она што се нуди од Брисел, Западен Балкан треба да го прифати пред се економско интегрирање, што за нас е одлично.

-Тоа ќе значи дека ќе ги оствариме четирите слободи за движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Односно ќе го немаме проблемот што го имаат сега нашите кои земаат бугарски пасоши и одат за да се вработуваат во Европската Унија. Но за до тоа да се стигне е креиран планот за раст од 6 милијарди предвидени за Западен Балкан. Мислам дека Македонија е некаде, не сум сигурен 750, 800 милиони или колку се, од кои 150 се грантови за инфраструктура и другите се за сервисирање на долгови и буџетот, рече Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот