Занети се обидел да преговара со Меси да го доведе во Интер

Потпретседателот на Интер, Хавиер Занети изјави дека преговарал со Лионел Меси кога Аргентинецот ја напуштал Барселона, но договор не бил постигнат затоа што италијанскиот клуб не можел финансиски да парира на ПСЖ и клубовите од Премиер лигата кои покажуваа интерес.
Меси летото 2021 година ја напушти Барселона по истекот на договорот и премина во ПСЖ како слободен играч.
„Бев изненаден кога Меси замина од Барселона. Имаме добар однос и разговарав со него, но не можеме да се натпреваруваме со Пари Сен Жермен или клубовите од Премиер лигата“, изјави Занети за „ДАЗН“.
Интер во неделата го победи Милан со 1:0 во градското дерби, но и понатаму е второпласиран на табелата, Наполи има огромни 13 бодови предност на врвот. Занети зборуваше и за ситуацијата со Милан Скринар кој не сака да го продолжи договорот кој му истекува на лето.
„Му понудивме договор кој е во нашите финансиски можности, но тој одлучи да замине. Сега мораме да направиме се за до крајот на сезоната да пружи максимум за нашиот тим“, изјави Занети.