Заменик-градоначалникот веќе одржува состаноци во Општина Карпош, ГРОМ бара вонредна седница и оставка од Лукровски
Советничката Добрила Андоновска соопшти дека доколку Сотир Лукровски не е во состојба и не знае како да ја води Општина Карпош, треба да поднесе оставка, по што ќе следуваат нови избори за градоначалник на Карпош, што според неа е најдобро решение.
Советничката во Општина Карпош Добрила Андоновска на денешната прес-конференција изјави дека политичката партија ГРОМ бара вонредна седница на Советот за да се расправа за, како што вели, новонастанатата ситуација со градоначалникот Сотир Лукровски. Советниците на ГРОМ побараа и оставка доколку, како што рекоа, Лукровски не може да раководи со Општината.
Препорачано
Јакимовски за Лукровски: Дојдовме до народната — кога се мажеше, што ти се чинеше?
Андоновска рече дека уште првиот месец Лукровски се пожалил дека му било тешко и дека му биле сложени процедурите.
„Но, господинот Лукровски уште во првиот месец почна да се жали дека му било тешко и дека процедурите биле сложени. Како резултат на тоа, не примаше граѓани, не соработуваше со администрацијата и не се потруди да научи како функционира една општина. Со таков однос не се води општина“, вели Андоновска.
Советничката истакна дека „јавна тајна“ е дека Лукровски веќе двапати поднесувал оставка, но тоа било неуспешно, па затоа сега, како што вели таа, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го задржи на функција преку боледувањето кое тој неодамна го има отворено.
„Јавна тајна е дека Лукровски веќе два пати поднесувал оставка. Тоа значи дека градоначалникот практично дигнал раце, а оние што го поставија сега се обидуваат да го задржат во фотелјата преку компромисно решение — боледување. Но, ова не е решение, туку купување време. Со ваквиот однос, Општина Карпош се доведува во состојба на несигурност, застој и институционална импровизација“, изјави таа.
Андоновска додаде дека новоназначениот заменик-градоначалник Неделчо Крстевски веќе денеска одржал состаноци со вработените, со што, како што вели советничката, тој веќе се однесува како фактички градоначалник, па затоа таа во име на ГРОМ и коалицијата побара вонредна седница за оваа новонастаната состојба и за овластувањата и раководењето со општината.
„Дополнително, денес Неделчо држел колегиуми во Општина Карпош. Тоа е доказ дека тој не се однесува како лице со техничко овластување за потпис, туку како фактички градоначалник. А Карпошани не гласале за Неделчо. Овластување за потпис не е мандат од народот. Гром бара итно свикување вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која ќе се расправа за настанатата состојба, статусот на градоначалникот, овластувањата дадени на друго лице и фактичкото раководење со општината. Советот мора да биде информиран. Граѓаните мора да ја знаат вистината. Општината мора да работи“, изјави советничката Андоновска.
Таа соопшти дека доколку Лукровски не е во состојба и не знае како да ја води Општина Карпош, треба да поднесе оставка, по што ќе следуваат нови избори за градоначалник на Карпош, а тоа, според неа, е најдобро решение.
„Ако Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. А по оставка на градоначалник, следуваат избори за нов градоначалник. Решението е јасно: оставка и избори за нов градоначалник на Општина Карпош“, заклучи Андоновска.


