Замена на тези се изјавите дека со измените на Кривичниот закон се исправа неправеден југословенски закон

Класична замена на тези е тврдењето на партиски лидери дека член 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената должност бил оценуван како проблематичен и како недоречен, па како таков погоден за вршење на политички прогон на функционерите, велат експертите.
Последна таква изјава даде лидерот на ДУИ Али Ахмети, според кој измените на КЗ со кои се намали затворската казна за функционерите не претставуваат амнестија или помилување како резултат на политички пазар, туку се корекција на неправеден закон што е фосил од југословенскиот режим кој се користи за да се одолговлекуваат истрагите. Ахмети рече и дека партиските лидери подолго од три години на десетина тајни средби ги договарале измените на КЗ, конкретно за делото за злоупотреба од страна на функционерите, со цел да се има функционална држава и функционално правосудство, „а не да се задржи човек шест години под истрага и потоа да се прогласи невин или да се осуди“, ама договорот подоцна се изјаловил. Слична изјава мината недела даде и премиерот Димитар Ковачевски, кој оцени дека строгите казни за функционерите во КЗ ги напишал некој Дајт Вејдер од македонското правосудство од времето на комунизмот.
Овие оценки, пак, го наметнаа прашањето ако навистина член 353 од КЗ служел за политички прогон и имало потреба да се усогласи со европското законодавство, зошто тогаш целиот процес за измена на КЗ беше таен, наместо транспарентен и зошто целата работа се заврши без широка јавна дебата, а како последица доби жестоки реакции од експертска јавност.

Гоце Коцевски од Асоцијацијата на млади правници на прашање на „Слободен печат“ дали во минатите три години членот 353 бил разгледуван во контекст како недоречен, двосмислен или како погоден за прогон на политички противници вели дека во експертската работна група која веќе три години го подготвува новиот Кривичен закон тоа не било случај.
– Според колегите од групата „Блупринт“, односно здруженијата кои ги следат реформите во правосудството и кои се дел од работната група што го прави новиот Кривичен законик налгласија дека во изминативе години тоа прашање во тој контекст никогаш не било спомнато. Што зборувале политичарите на нивните средби ние не можеме да знаеме. Во овие измени на КЗ има усогласување со европското законодавство во делот за еколошкиот криминал, се воведе и ново дело за безобзирно возење, но трите члена со кои се намали казната за функцинерите за делата злупотреба на должноста, несовесно работење и злосторничко здружување не се дел од усогласувањето со ЕУ. На стручно ниво во работната група е разгледувано само како да се растовари членот 353, па затоа во идниот КЗ како посебно кривично дело е издвоена злоупотребата при јавните набавки, што доскоро беше во став 5 од член 353 – вели Коцевски.