Заев-Варвициотис: Стратешка цел и на Скопје и Атина е Северна Македонија што е можно побрзо да ги започне преговори со ЕУ

Средба Заев-Варвициотис/ Фото: Влада на РСМ

За Северна Македонија напредокот во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања, и дека во таа насока земјата има постигнато огромен напредок во усогласувањето на домашната легислатива со онаа на ЕУ, како резултат на интензивниот процес на реформи и за европеизација на сите сегменти на општеството.

Ова го истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, кој е во работна посета на земјава.

Заев и Варвициотис се согласиле дека од исклучителен заеднички интерес и стратешка цел на двете земји е Северна Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ, и дека Грција во таа насока ќе продолжи со силната поддршка.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека посетата на грчката делегација на чело со Варвициотис на земјава се остварува во период на интензивна билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Грција, која од Договорот од Преспа секојдневно се проширува и расте.

На средбата како посебно важни беа истакнати проектите во енергетиката како стратешка и приоритетна дејност за двете земји за што сведочат веќе потврдените проекти за соработка и за заеднички инвестиции кои имаат и силно регионално значење и потенцијал.

За време на разговорот од двете страни беше потенцирано задоволството што го нагласуваат инвеститорите од Грција за соработката со Владата на Северна Македонија, која, како што беше кажано, е дополнителен мотив и испраќа силна порака дека бизнис заедницата на Хеленската Република има пријателска средина за инвестиции во нашата земја.

На средбата претседателот на Владата Заев повтори дека е отворена поканата премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да ја посети Северна Македонија, и дека секоја посета, како оваа на алтернативниот министер за надворешни работи, е придонес за унапредување на пријателството меѓу двете земји.

Од Министерството за надворешни работи на Грција, пак, соопштија дека во фокусот на средбата Заев- Варвициотис биле билатералните односи, вклучително и доследното спроведување на Договорот од Преспа, продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји, како и европската перспектива на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан, биле, јави дописничката на МИА од Атина.

-Двете страни го потврдија одличното ниво на билатералните односи меѓу двете земји. Разговорите се фокусираа, меѓу другото и на економските прашања, инвестициите, енергетските прашања, како и регионалните случувања и управувањето со пандемијата на Ковид-19, соопштија од грчкото МНР.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија „ја истакнал потребата за целосна доследна и верна и имплементација на Договорот од Преспа како неопходен предуслов за дополнително да се зајакнат односите меѓу Грција и Северна Македонија и остварување на заедничката визија за интеграција на Северна Македонија во европското семејство”.

-Со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев ја потврдивме важноста на дополнителна унапредување на односите меѓу Грција и Северна Македонија и европската перспектива на неговата земја. Целосното спроведување на Договорот од Преспа е од витално значење за постигнување и на двете цели, напиша Варвициотис на „Твитер” по средбата со премиерот Заев.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот