Заев: ОН ја имаат централната улога во справување со пандемијата, продолжуваме да ги спроведуваме нивните препораки

Рамката е наш стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години, како и со сите засегнати страни вклучени во процесите. Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на оваа меѓународна организација, како и на глобалните милениумски цели за одржлив развој.

Ова го порача премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, како и со високите претставници на агенциите на ОН во нашата земја, учествуваше во засадувањето 75 млади садници дрвја во околината на Велешкото Езеро – „Младост”, што беше зафатена од пожар пред повеќе од една година, како дел од активностите по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

Акцијата, информираат од владината прес-служба, е организирана како симболична заложба за позелена, подобра и одржлива иднина на сите луѓе во Северна Македонија, како еден од националните предизвици и приоритети вклучени во новата Рамка за соработка за одржлив развој 2021 – 2025, за соработка меѓу нашата земја и ОН што денеска ја потпишаа постојана координаторка на Обединетите нации Росана Дуџак и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Заев во изјавата потенцираше дека нашата држава во соработка со ОН и натаму ќе работи во насока на јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество.

– Во сите овие глобални превирања, Обединетите нации низ принципот на дијалог и почитување работеа во насока на превенирањето и решавањето на отворените конфликти. Низ начелата на соработка и солидарност оваа организација покрена клучни иницијативи за надминување на горечки светски проблеми каква што е пандемијата на ковид-19. Таа ја има централната улога во справување со оваа најголема закана за човештвото по Втората светска војна, дејствувајќи преку Светската здравствена организација. Ги координира научно-истражувачките работи, меѓународните активности за заштитата, развојот на тестови, лекови и вакцини, нагласи Заев.

Рамката за соработка е главен стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата, во наредните пет години. Развиена е во блиска соработка со Владата, по опсежен консултативен процес со организации и индивидуалци од разни сфери на делување и интерес.

– Новата Рамка за соработка е повеќе од заложба. Тоа е обврска што ја преземавме и претставува јасна определба да се работи кон подобрување на животот и иднината на сите луѓе во оваа прекрасна земја, а при тоа никој да не заостане, истакна во својата изјава постојаната координаторка на Обединетите нации Росана Дуџак, на настанот по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот